Нова фирма го запоседна првото место на листата на најголеми должници кон Управата за јавни приходи и тоа со „рапиден“ скок на табелата, а поврзана е со аферата „Крмзов“.
„Дианита“ од Струмица сега е на првото место со долг од 881.831.580 денари само за ДДВ, или 14,45 милиони евра. Со состојба од 10 јули, УЈП забележува дека оваа фирма има присилна наплата на парични средства и недвижности.
Претходно, подолго време на врвот на листата на должници на УЈП беше Хант Осој Трејд од која долготраен период не може да се наплати долг од околу 13,9 милиони евра. Инаку „Дианита“ беше и на претходната јунска листа на должници, но со многу помала сума од само неколку милиони евра.
Преку оваа фирма лани биле свртени 182 милиони евра, односно за 210 отсто повеќе приходи отколку за една година претходно, а при тоа била прикажана загуба од нешто повеќе од 700.000 евра.
Сопственик е извесен струмичанец Драги Механџиски, а компанијата располага со три складови за трговија на големо со текстил, од кои два во Кисела Вода и еден во Струмица. До 7 јули „Дианита“ била 511 дена под блокада на УЈП, од каде до тогаш биле испратени 23 извршни решенија во вредност од 5,65 милиони евра.
Обвинителството за гонење на организиран криминал минатиот месец објави дека оваа фирма е поврзана со мрежата на компании на струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов кои од државата нелегално наплатиле 37 милиони евра за поврат на ДДВ.
Фирмите поврзани со струмичкиот бизнисмен преку фиктивни фактури наплатиле од државата 1,8 милијарди денари, односно 30 милиони евра, во кеш за поврат на ДДВ и уште 455 милиони денари, односно над 7 милиони евра, преку механизмот на даночни гаранти, односно со пребивање на долгови.
Девет месеци по големата полициска и даночна акција во фирмите поврзани со Крмзов, обвинителството и официјално отвори истрага за веројатно најголемиот случај за финансиски криминал досега. Осомничени се 23 луѓе и 15 фирми кои имале меѓусебни деловни односи.
Се истражуваат 15 фирми поврзани со неформалниот крал на текстилот од Струмица – градежната фирма Крмзов МР, земјоделската Агро-Крмз, бутиците Џокс премиум, Хотелот Вила Парк, транспортната Никфан транс во сопственост на неговата сопруга Марија, фирмите Минтикос текстил, Сакаов транс и Камилком СР на неговите внуци, но и Нетком плус и Дианита во сопственост на негови соработници.
Сите овие фирми имале меѓусебни деловни односи. Замрзнат е нивниот имот, иако голем дел од недвижностите се веќе под хипотека.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата