На многу места низ Европа, очајот стана очигледен. Децениите лоши политики доведоа до масовен егзодус на млади луѓе во потрага по подобар живот, што имаше длабоки последици. Додека некои градови се обидуваат да привлечат претприемачи со намалување на даноците или нудење бенефиции за дигиталните номади, други одат чекор понатаму – нудат куќи за само 1 евро за да привлечат нови жители.
Еден од градовите што активно работи на привлекување млади луѓе е Варезе, кој се наоѓа на северот од Италија. Градот се соочува со голем проблем – недостаток на квалификувана работна сила и постојано заминување на населението.
Понуда што го менува животот
За да се реши овој проблем, Трговската комора на Варезе започна интересна иницијатива:
кој ќе се пресели во Варезе, ќе регистрира постојана адреса и ќе се вработи во локална компанија, ќе добие вкупно 5.700 евра (поточно, околу 6.000 швајцарски франци) во форма на ваучери дистрибуирани во текот на три години.
Единствениот услов? Мора да имате помалку од 40 години.
– Како и многу други региони, се соочуваме со предизвици кои се закануваат да станат сериозен проблем – изјави Мауро Витиело, претседател на Стопанската комора. Тој додаде дека оваа мерка има за цел да го спречи заминувањето на младите луѓе, да го намали јазот помеѓу понудата и побарувачката на работна сила, како и да го спречи „одливот на мозоци“.
Ваучерите можат да се користат исклучиво во локалните продавници и занаетчиски активности, бидејќи градот сака да ја стимулира и локалната економија. Оваа иницијатива се заснова на идејата дека работата и квалитетот на животот се главните причини зошто некој одлучува каде да живее – а Варезе сака да го понуди најдоброто токму таму.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата