Откритието се смета за едно од најзначајните поврзани со етрурската цивилизација, која цветала во Апенинските Планини пред подемот на Римското Царство,објави Lice Science.
Запечатената гробница во Сан Џулијано, на околу 70 километри од Рим, ја открил тим археолози предводени од д-р Давид Зори, професор по историја и археологија на Универзитетот Бејлор и главен истражувач на Проектот за археолошки истражувања Сан Џулијано (SGARP), објави Универзитетот Бејлор.
Внатре во недопрената гробница, остатоците од четири лица се пронајдени на резбани камени кревети, опкружени со повеќе од 100 извонредно зачувани погребни предмети, вклучувајќи керамички вазни, железно оружје, бронзени украси и сребрени украси за коса.
- Оваа целосно запечатена погребна комора претставува ретко откритие за етрурската археологија. Во внатрешниот, планински регион на централна Италија, каде што работи тимот на SGARP, добро зачувана коморна гробница од ова време никогаш порано не е ископана со користење на современи археолошки техники. „Ова е единствена можност за нашиот проект да ги проучи верувањата и погребните обичаи на оваа фасцинантна предримска култура“, рече Зори.
Со текот на годините, тимот документирал повеќе од 600 гробници во некрополата околу етрурскиот град, кој се наоѓа на висорамнината Сан Џулијано во покраината Лацио во централна Италија. До откривањето на недопрената гробница, сите други идентификувани коморни гробници - врежани во карпата во форма на мали куќи со коси покриви - биле ограбувани низ вековите, почнувајќи од римската окупација кон крајот на третиот век п.н.е.
Прелиминарната анализа на предметите од гробницата сугерира дека погребаните лица би можеле да бидат машко-женски пар, но понатамошни заклучоци чекаат антрополошки, изотопски и генетски студии за остатоците.
- Ископувањето на недопрената етрурска гробница претставува повеќе од археолошко откритие - тоа го отелотворува потенцијалот на интердисциплинарна соработка, меѓународни партнерства и образовни иновации за унапредување на човековото разбирање на споделеното културно наследство - рече д-р Зори.
Етрурците биле еден од народите на древна Италија и првите што создале голема цивилизација на Апенинскиот Полуостров, која подоцна значително влијаела врз развојот на Стар Рим. Тие живееле во областите на денешна Тоскана, Умбрија и Лацио, најверојатно од 9-ти до 1-ви век п.н.е., кога биле асимилирани во римската цивилизација.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата