Европската комисија подготвува царини за американски стоки во вредност од 72 милијарди евра, доколку преговорите не успеат.
Европската комисија (ЕК), која ја надгледува трговијата со ЕУ, се подготвува да воведе царини за американски стоки во вредност од 72 милијарди евра (84,1 милијарди долари), од авиони „Боинг“ и бурбон виски до автомобили, доколку трговските разговори со Вашингтон пропаднат.
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со царини од 30 проценти за увоз од Европската Унија од 1 август, неприфатливо ниво за европските претставници, што би го прекинало нормалното тргување меѓу двата најголеми пазари во светот, објави Ројтерс.
Британската агенција имаше пристап до листата, испратена до земјите-членки на ЕУ, што му претходеше на гореспоменатиот потег на Трамп да го зголеми притисокот врз блокот од 27 земји во текот на викендот.
Пакетот, исто така, вклучува хемикалии, медицински помагала, електрична и прецизна опрема, како и земјоделски и прехранбени производи, како што се овошје и зеленчук, заедно со вино, пиво и жестоки пијалоци.
По состанокот на министрите на ЕУ во Брисел во понеделник, претставниците изјавија дека сè уште бараат договор за да се избегне строгата царинска репресија на Трамп.
Сепак, комесарот за трговија и економска безбедност, Марош Шефчовиќ, рече дека присутните на состанокот изразиле „невидена решеност да ги заштитат бизнисите од ЕУ со контрамерки доколку преговорите со Вашингтон не доведат до договор“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата