Изградбата на пат низ карпест и планински предел е предизвик за сите. И за нас -ЈПДП како инвеститори, но и за Изведувачот и Надзорот, соопшти Коце Трајановски.
-На еден таков предизвик наидовме при градежните работи на изградбата на втората фаза Фариш – Дреново, дел од експресниот пат Градско-Дреново, каде што беа забележани пукнатини на две опасни карпи високи околу 50-тина метри, од кои едната се наоѓа над веќе изградениот мост од левата страна, што претставува потенцијална опасност да падне на патот и доведе до евентуално уривање на мостот, потенцира директорот на Јавно претпријатие за државни патишта Коце Транајовски.
„Овој опасен и ризичен процес каде што се врши ублажување на карпите со цел нивна стабилизација полека напредува, а кршењето на карпите се врши со отстранување на мали парчиња слој по слој, по што ќе се преземат активни мерки за заштита од ерозија.
За кршење на опасните карпи се користат специфични машини и уреди кои користат хидрауличен притисок и кои генерално се користат онаму каде што не е дозволено минирање како што е во овој случај.
Фрагментите од карпите кои се кршат внимателно се спуштаат на патот за да не се оштети, а по завршувањето на кршењето ќе се постави заштитна ограда за да се спречи паѓање на мали фрагменти на мостот.
Едната карпа е веќе безбедно отстранета и следува процес на поставување на заштитна мрежа, а другата локација е оваа што ја гледате, каде работите течат бавно поради ризичноста од самата изведба.
Имено, позицијата на карпата е 55 метри над мостот, а работниците се подигнуваат со телескопски кранови на безбедносни платформи што се закотвени на безбедната страна од карпата и во текот на целото време се врзани за безбедносни појаси“, наведува во објавата.
Покрај тоа косините беа многу стрмни веднаш до автопатот што доведуваше до одронувања на земја и камења на патот затоа се направи ублажување на косините. Се надевам дека за помалку од месец дена ќе го пуштиме патот на користење, заклучи Трајановски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата