Словачка утре ќе го поддржи 18-тиот пакет санкции на Европската Унија (ЕУ) против Русија, изјави словачкиот премиер Роберт Фицо, откако санкциите беа ставени на чекање поради неподготвеноста на Словачка да ги поддржи.
Фицо денес изјави дека Словачка постигнала најмногу што може во овој момент, откако постојано ги блокираше санкциите на ЕУ, барајќи гаранции за потенцијалната штета за земјата поради планот на Унијата да го прекине увозот на гас од Русија од 2028 година.
„Во овој момент, би било контрапродуктивно да се продолжи со блокирање на 18-тиот пакет санкции утре“, рече Фицо во видео порака објавена на Фејсбук.
Состанок на амбасадорите утре
Амбасадорите од земјите-членки на ЕУ ќе се состанат во петок наутро за да ги одобрат новите санкции, изјавија европски дипломати за Ројтерс.
Во јуни, Европската комисија го предложи 18-тиот пакет санкции против Русија, кој е главно насочен кон руските приходи од продажба на енергија и банкарскиот сектор.
Меѓу другото, предлогот вклучува забрана за трансакции со гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ и намалување на највисоката цена по која може да се продава руска нафта, од 60 на 45 долари за барел.
Словачка доби концесии
Словачка неколку пати стави вето на пакетот со цел да се обиде да добие концесии во посебен план за постепено укинување на увозот на руска нафта и гас, на што, за разлика од санкциите, не му е потребна едногласна поддршка од земјите од ЕУ, пишува „Ројтерс“.
Таа продолжи да увезува руска енергија, вклучително и гас според договор со важност до 2034 година, и често зазема проруски позиции во врска со војната во Украина, забележува агенцијата.
Фицо изјави во вторник дека Словачка добила гаранции од Комисијата за помош во случај на потенцијален недостиг на гас или скокови на цените и транзитните такси, како и помош во споровите околу потенцијалните барања за отштета од рускиот добавувач „Газпром“.
Малта, исто така, претходно изрази резерви во врска со предложеното ограничување на цените на руската нафта, но владата изјави во четврток навечер дека ќе ги поддржи новите санкции во петок, изјавија европски дипломати за „Ројтерс“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата