Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на промоција на целосната санација на Музеј на вода, Наколна населба во Заливот на Коските во Охрид.
„Со консолидирање на состојбата во земјата, очекувам инвестициите во културата да бидат уште поголеми. Не случајно секторот туризам го додадовме до министерството култура, и тоа стана Министерство за култура и туризам, бидејќи според направените истражувања најголемиот дел од посетителите, односно туристите кои ја посетуваат Македонија како туристичка дестинација, токму тоа е и причината зошто ја посетуваат, односно богатото културно наследство“, изјави премиерот Мицкоски.
Овој објект, оваа населба заедно со придружната инфраструктура навистина претставува еден значаен објект за Охрид и за туристите коишто го посетуваат Охрид.
„Јас сум исклучително задоволен од бројките кои што се реализираат во првите 5 месеци од годината. Државниот завод за статистика вчера објави бројки во кои што во месец мај оваа година споредено со месец мај минатата година има повеќе од 22% туристи и повеќе од 15% ноќевања. Ако се гледа периодот од јануари до мај, првите 5 месеци од годината, имаме за 16 % повеќе туристи и отприлика за 12 % повеќе остварени ноќевања. Тоа преставува добар мотив за сите нас да продолжиме во таа насока“, соопшти премиерот Мицкоски.
Тој дополни дека во фокусот и оптиката на оваа влада продолжува да биде и сегментот на туризмот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата