Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека САД ќе испратат нови пратки оружје во Украина, вклучувајќи и моќни системи за воздушна одбрана „Патриот“.
Според него, испораката ќе се изврши индиректно - преку НАТО, кој ќе ги финансира трошоците и ќе ги дистрибуира системите меѓу членовите.
„Ќе ги испратиме ракетите „Патриот“ во НАТО, а потоа НАТО ќе ги прераспредели“, изјави Трамп за NBC News, додавајќи дека алијансата ќе ги покрие сите трошоци.
„НАТО ќе ја рефундира цената“, истакна тој.
Одлуката за новата пратка на „Патриот“ претставува пресврт од претходната позиција на администрацијата на Трамп за ограничување на американската воена помош за Украина.
Зеленски бара 10 системи „Патриот“
Изјавата на американскиот претседател доаѓа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски опиша „позитивен дијалог“ со Трамп за навремена испорака на оружје, особено на системите за воздушна одбрана.
Зеленски претходно побара десет системи „Патриот“, по рекордниот бран руски напади со беспилотни летала и ракети врз украинските градови.
Зборувајќи во Рим, Зеленски откри дека Германија е подготвена да плати за два система, Норвешка за еден, а други европски земји покажаа подготвеност да учествуваат. Тој истакна дека патриотите се „вистински заштитници на животот“ за Украина, особено во време кога системот за противвоздушна одбрана е сериозно исцрпен.
Што е системот „Патриот“?
„Патриот“ е еден од најнапредните системи за противвоздушна одбрана во светот, развиен за пресретнување на балистички и крстосувачки ракети и борбени авиони на долги растојанија.
Американскиот систем користи софистицирани радари и наведувани ракети за повеќеслојна одбрана на воздушниот простор, а неговата способност да пресретнува дојдовни закани во реално време го прави клучен елемент во заштитата на стратешките цели.
Поради нивната висока точност и сигурност, „Патриотите“ се меѓу најбараните системи од овој тип на глобалниот пазар, а Украина ги смета за витални за одбраната на своите градови од сè поинтензивни руски напади.
Трамп е разочаран од Путин, најави „голема објава“
Трамп претходно изјави дека по разговорот со рускиот претседател Владимир Путин минатата недела, бил незадоволен од недостатокот на напредок во преговорите.
„Многу убавото“ однесување на Путин беше бесмислено“, рече Трамп.
Во интервју за NBC News, тој најави дека во понеделник ќе објави „голема објава“ за Русија, но не прецизираше за што точно ќе станува збор.
Kyiv at this hour as Russians unleash what must be the largest attack of the war, targeting the city's civilian population with drones and ballistic missiles.
— Kyiv Insider (@KyivInsider) July 4, 2025
Meanwhile, the US forbids Ukraine from striking Russia's oil infrustructure, the one thing that can stop the war. pic.twitter.com/SLpXWGv9XR
Трамп: Мораме да им испратиме оружје
Американскиот министер за надворешни работи, Марко Рубио, потврди дека денес од Германија, Шпанија и другите членки на НАТО зависи да ги предадат своите постоечки системи „Патриот“, за Украина да може што побрзо да ја добие потребната опрема.
„Ги охрабруваме сојузниците да ги предадат системите што веќе ги имаат, а потоа можеме да склучиме финансиски договори за купување нови“, рече Рубио.
Во истиот разговор, Трамп призна дека Украина во моментов е под исклучително жестоки напади и додаде: „Мораме да им испратиме оружје... Сега тие се силно нападнати“.
Пентагон минатата недела го запре оружјето за Украина
Минатата недела, Министерството за одбрана на САД привремено ја суспендираше испораката на клучно оружје за Украина, вклучувајќи пресретнувачки ракети за ракетите „Патриот“ и прецизна водена артилерија. Овој потег предизвика загриженост во Киев дека воздушната одбрана би можела да ослабне во наредните месеци.
Во вторник вечерта, Украина претрпе рекорден воздушен напад со дури 728 дронови.
Зеленски предупреди дека Русија планира да го зголеми тој број на 1.000. Според податоците на ОН, јуни беше најсмртоносниот месец за цивилите во Украина во последните три години, со 232 убиени и повеќе од 1.300 ранети.
Трамп го омекнува курсот кон Украина, бара поголемо учество од Европа
Откако се врати во Белата куќа на почетокот на јануари, Трамп се залага за намалување на американската воена помош за Украина и поголемо финансиско учество на европските членки на НАТО.
Од 2022 до крајот на 2024 година, САД испорачале воена помош на Украина во вредност од 69 милијарди долари, според податоците од германскиот институт Кил.
Трамп редовно ги повикува европските сојузници да ги зголемат инвестициите во одбраната. Минатата година, сите членки на НАТО во Европа се согласија да издвојат најмалку 2% од БДП за одбрана, но американскиот претседател смета дека тоа сè уште не е доволно.
Рубио, исто така, откри дека разговарал со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на маргините на состанокот во Малезија.
И двајцата, вели тој, ја изразиле својата „фрустрација поради недостатокот на напредок во мировните преговори“, а размениле и некои нови идеи за можен крај на војната, кои Рубио ќе му ги пренесе на Трамп.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата