logo
logo
logo

ИСТОРИСКИ МОМЕНТ: По 41 година борби и над 40.000 мртви, ја донесоа конечната одлука: „Го положуваме оружјето!“

Vecer | 11.07.2025

ИСТОРИСКИ МОМЕНТ: По 41 година борби и над 40.000 мртви, ја донесоа конечната одлука: „Го положуваме оружјето!“

Местото и точното време на церемонијата на ПКК долго време беа чувани во тајност.

Во близина на северниот ирачки град Сулејманија, првите борци на ПКК сакаат да го положат оружјето. Се споменува бројка од 30 до 40 борци, но оваа бројка не е официјална. Вкупно, се проценува дека на северот од Ирак има повеќе од 2.000 вооружени борци на ПКК, пишува Дојче Веле.

Но, оние со ова оружје повеќе не можат сериозно да ја загрозат турската држава, вели Томас Шмидингер, кој предава политички науки на Универзитетот Курдистан во Ербил и со години ги следи курдските аспирации за автономија низ целиот регион.

Тој објаснува:

„Со оглед на развојот на воената технологија во последните години, особено со беспилотните летала - оружјето на ПКК повеќе не претставуваше вистинска заштита“.

Ова, заедно со политичкиот развој, е една од причините за откажување од вооружената борба.

Повеќе од 40.000 мртви во текот на децениите

Курдистанската работничка партија (ПКК) води герилска војна против Турција од 1984 година - со надеж дека Курдите во Турција ќе добијат поголема автономија и права.

Проценките велат дека повеќе од 40.000 луѓе загинале во борбите во текот на децениите. ПКК се смета за терористичка организација во Турција, како и во Европската Унија и Соединетите Американски Држави.

Во мај, ПКК објави дека ќе се откаже од вооружената борба против турската држава и наместо тоа ќе се фокусира на политички дијалог.

Лидерот на ПКК, Абдула Оџалан (76), кој од 1999 година отслужува доживотна казна затвор за велепредавство во затвор во близина на Истанбул, го потврди ова во видео порака емитувана завчера, 9 јули:

„Ова е доброволен премин од вооружена борба на сцената на демократска политика. Ова не е пораз, но мора да се смета за историски успех.“

Турција продолжува со борбата

Политичарите од прокурдската турска партија ДЕМ, исто така, планираат да присуствуваат на церемонијата во северен Ирак. Нивната портпаролка Ајшеѓул Доган изјави:

„Ќе бидеме сведоци на првиот чекор во овој историски процес во Сулејманија“.

Курдите зборуваат за историски момент - но досега нема официјален одговор од турската држава на мировната понуда на ПКК.

„Тоа е бизарна ситуација. ПКК одлучи да се распушти и да ја запре вооружената борба - но војната всушност продолжи, и тоа беше од Турција. На денот кога беше донесена одлуката на 12-тиот конгрес на ПКК, Турција ги бомбардираше борците на ПКК и тоа всушност продолжува до ден-денес“, вели Шмидингер.

Повлекување кон планините Кандил

Бомбите за кои зборува овој научник не биле фрлени на југоисток од Турција, туку на север од Ирак. Каде што, особено во тешко достапните планини Кандил, ПКК се повлекуваше сè повеќе и повеќе.

„Борбите меѓу ПКК и турската армија во последните години речиси исклучиво се водеа тука во Ирак, во планинските области на ирачки Курдистан. Вооружените сили на ПКК всушност се повлекоа од Турција за време на последниот мировен процес“, додава Шмидингер.

Што ќе прави ПКК откако ќе го предаде оружјето?

Ако сега борците на ПКК го положат или уништат своето оружје, се поставува прашањето: што ќе прават потоа?

Дали Турција ќе прогласи некаков вид општа амнестија и дали тие ќе се вратат во Турција со своите семејства? Засега нема муабет за тоа.

Алтернативата би можела да биде приклучување кон вооружени курдски групи во Сирија или останување во северен Ирак, кој е под курдска управа. Сепак, односите меѓу ПКК и курдската автономна влада во Ербил, Ирак, се исто така исполнети со конфликти, пишува Дојче веле.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk