Франција, како и другите европски земји-членки на НАТО, мора да најде пари за инвестиции во вооружените сили. Во НАТО е договорено секоја држава постапно до наредните десет годни да издвојува наместо досегашните околу 2% - 5% од бруто домашниот производ (БДП) за вооружување и логистика, што е околу 10-12% од буџетот.
Ретки се државите во ЕУ кои се во состоба договореното финансиски да го издржат. Франција и Италија одбија да учествуваат во планот на американскиот претседател Доналд Трамп за испраќање американско оружје во Украина, како дел од иницијативата вредна 10 милијарди долари, и уште неколку држави од ЕУ, меѓу кои најголема од нив е Шпанија, изјавија сомневање дека можат да издржат издвојување 5% од БДП за вооружување без да создадат економски и финансикси проблеми за граѓаните и социјални тензии во своите земји.
Реално, само Германија, Полска и балтичките и нордиските земји имаат јавни финансии за да поддржат такво ниво на трошење. Франција, Белгија, Обединетото Кралство, Шпанија и Италија, според аналитичарите, не можат да си го дозволат тоа. Колку е подалеку една земја од Русија, толку е политички потешко да се оправда вооружувањето - како што покажа отпорот на Шпанија во последен момент на самитот, пишува порталот Индекс.хр.

„Европа мора да најде начин да ја финансира својата иднина, со намален број на работници, огромен јавен долг и зголемени притисоци однадвор и одвнатре, но нема бесплатен ручек“, вели економистот Данило Шуковиќ за Biznis.rs, во врска со буџетските намалувања што ги предложи француската влада минатата недела.
Вели дека ако сакаат да издвојат повеќе за одбрана, тогаш ќе мора да скратат за нешто друго или да се задолжат.
„А бидејќи веќе се многу задолжени, не е реално да се очекува тоа, па затоа некои структури во општеството ќе мора да страдаат. Без разлика дали тоа ќе биде социјална политика, здравство, образование, инфраструктура или екологија, тоа е друго прашање. Франција мора да ги реструктуира своите буџетски трошоци според реалните потреби“, рече Шуковиќ.
Франција се движи кон економска криза и мора да ги контролира своите финансии за да ја спречи, изјави еден од најпочитуваните економисти во светот.
Оливие Бланшар, поранешен главен економист на Меѓународниот монетарен фонд, за POLITICO изјави дека последователните влади ја доведоа Франција до опасна точка со тоа што не успеаја да донесат политички неприфатливи одлуки за балансирање на нејзиниот буџет.

Францускиот премиер Франсоа Бајру предложи намалување на буџетот, зголемување на даноците, па дури и укинување на два државни празници, што јасно покажа дека повеќе не е можно да се продолжи како порано. Сепак, реакциите на неговиот план само потврдија колку е тешко да се спроведе каква било промена.
Лидерот на десницата, Марин Ле Пен, веднаш го обвини дека ги оштетува обичните луѓе, работниците и пензионерите, наместо да го намали долгот на државата, и се закани и дека ќе ја собори владата ако Бајру истрае.
Франција, иако избегна строг надзор од времето на должничката криза во еврозоната, денес има полоша финансиска состојба од која било друга голема европска економија. Агенциите за рејтинг редовно предупредуваат за растечкиот долг.
Дефицитот достигна речиси девет проценти од БДП во 2020 година и оттогаш не падна под целта од три проценти. Бајру предвидува дека ова може да биде можно дури во 2029 година. А трошоците за сервисирање на тој долг само ќе се зголемат, бидејќи долгот што претходно беше позајмен со речиси нула камата во периодот 2014-2022 година сега се рефинансира, но сега со значително повисоки каматни стапки.
Јавниот долг на Франција расте многу брзо. И покрај напорите на владата, замрзнувањето на одредени буџетски средства и ветувањата за големи заштеди, јавниот долг се зголеми за дополнителни 40,5 милијарди евра за само три месеци, достигнувајќи 3.346 милијарди евра на крајот на март, според податоците објавени на 26 јуни од Националниот институт за статистика и економски истражувања (INSEE).
На годишно ниво, долгот се зголеми за 185 милијарди евра, или шест проценти.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата