logo
logo
logo

Заседаваат единаесет собраниски комисии; ќе се дискутира за земјоделство, финансии, здравство, безбедност ...

Vecer | 03.09.2026

Заседаваат единаесет собраниски комисии; ќе се дискутира за земјоделство, финансии, здравство, безбедност ...

Единаесет собраниски комисии денеска ќе одржат седници на кои ќе разгледуваат повеќе предлог-закони од областа на економијата, финансиите, здравството, земјоделството, транспортот, безбедноста, локалната самоуправа и јавната администрација. Најавени се седници на комисиите за економски прашања, труд и енергетска политика, за политички систем и односи меѓу заедниците, за одбрана и безбедност, за локална самоуправа, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за здравство, за финансирање и буџет, за култура и туризам, за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, за социјална политика, демографија и млади, како и на Законодавно-правната комисија.

Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика ќе расправа за измените на законите за задолжителни нафтени резерви, Геолошкиот завод на Република Македонија, државната статистика, метрологијата и инспекцијата на труд, како и за измените и дополнувањата на законите за основање на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, Државниот пазарен инспекторат и технолошко-индустриските развојни зони. На дневен ред е и дополнувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

Пред членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе се најдат измените на законите за вештачење, административните службеници и извршувањето на санкциите, како и измените и дополнувањата на законите за катастар на недвижности, управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, стручно усовршување и обука на административните службеници, управната инспекција и инспекцискиот надзор.

Комисијата за одбрана и безбедност ќе ги разгледува измените на Законот за класифицирани информации и измените и дополнувањата на законите за управување со кризи и заштита и спасување.

На агендата на Комисијата за локална самоуправа се измените и дополнувањата на Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа и Законот за рамномерен регионален развој.

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе расправа за измените на Законот за основање на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Законот за безбедност на храната, како и за измените и дополнувањата на законите за основање Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството, за здравјето на растенијата и за Државниот инспекторат за земјоделство.

Пред Комисијата за здравство се измените и дополнувањата на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност и Законот за здравственото осигурување, како и измените на Законот за лековите и медицинските средства.

Комисијата за финансирање и буџет ќе го разгледува Предлог-законот за државната ревизија во прво читање, како и измените и дополнувањата на законите за Фондот за осигурување на депозити, Царинската управа, јавните набавки и Централниот регистар. На дневен ред се и измените на законите за стоковните резерви и за Управата за јавни приходи.

Комисијата за култура и туризам ќе расправа по измените на Законот за употребата на македонскиот јазик.

Пред членовите на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање ќе се најдат измените и дополнувањата на законите за урбанистичко планирање, архивски материјал и архивска дејност, сигурност во железничкиот систем и внатрешната пловидба, како и измените на Законот за животната средина.

Комисијата за социјална политика, демографија и млади ќе ги разгледува измените и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и измените на Законот за Регистар на задолжително социјално осигурување.

Законодавно-правната комисија, покрај Предлог-законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Предлог-законот за државната ревизија во прво читање, ќе расправа и за законските измени што се однесуваат на задолжителните нафтени резерви, државната статистика, јавните набавки, здравственото и пензиското осигурување, урбанистичкото планирање, управувањето со кризи, заштитата и спасувањето, како и за повеќе закони од областа на јавната администрација и инспекцискиот надзор.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk