Од клекната, ограбена и распадната држава којашто пред 26 месеци ни беше главен предизвик, а ја наследивме од претходната влада на СДСМ и ДУИ, денеска можеме да кажеме дека Македонија после три години е подобро место за живеење. Јас ви гарантирам дека за три години ќе биде уште подобро место за живеење од денеска, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Тој при промоцијата на нови комунални возила за општините истакна дека изминатите 26 месеци се бореле со распаднати и уништени институции, со ограбена држава која била клекната на колена.
- Завршувавме проекти коишто беа започнати и заборавени, градевме експресни патишта, делници од пруга и продолжуваме да градиме експресни патишта и делници од пруга. Продолживме со автопатските секции, отпочнуваме нови автопатски секции. Бевте сведоци пред некој ден на една таква нова автопатска секција којашто ја почнавме, следниот месец ќе ставиме камен темелник и на уште една друга автопатска секција, потенцира премиерот.
Додаде дека во овој период реконструирале болници и го поправале уништеното од претходната влада во здравството, како и последиците од криминални политики кога, како што истакна, бевме држава којашто беше буквално на дното.
- Ограбени граѓани, уништена, девастирана економија со погрешни економски политики, прогресивни даноци, солидарни даноци и што ли не се правеше периодот кој сите ние брзо сакаме да го заборавиме. Но, дојде влада којашто се зафати веднаш за работа и да го коригира сето она што беше оставено од претходната, би рекол, криминална влада на СДСМ и ДУИ. Еден од водечките проекти на почетокот на оваа влада беше децентрализирање на средства од државниот буџет кон општините и на тој начин успеавме да обезбедиме проекти од половина милијарда евра коишто се децентрализираа од централниот буџет кон општините за капитални инвестиции, истакна Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата