Сериозен аларм за безбедноста на најмладите се вклучи во Македонија по најновиот извештај на УНИЦЕФ, кој открива дека над 11.700 македонски деца на возраст од 12 до 17 години биле жртви на сексуална експлоатација и злоупотреба преку интернет во рок од само една година.
Иако општата стапка на злоупотреба во земјава е пониска од глобалниот просек, Македонија се најде на самиот врв според неколку исклучително опасни и морничави трендови. Нашата земја бележи највисока преваленца меѓу истражуваните земји кај деца кои добивале директни закани и уцени за вклучување во сексуални активности (4,4%), како и кај децата на кои им било заканувано дека во јавност ќе бидат раширени нивни интимни слики или видеа (4,2%).
Особено загрижувачки е фактот што Македонија е шампион и во злоупотребата на нови технологии. Дури 4,3% од македонските деца пријавиле дека од нив биле креирани лажни сексуални слики или видеа генерирани со вештачка интелигенција (AI), што е повеќе од двојно над меѓународниот просек.
Она што ги сруши сите заблуди е податокот за тоа кој ги врши овие злодела. На глобално ниво, но и кај нас, дури 57 проценти од случаите вклучуваат лица кои детето веќе ги познава, врсници, пријатели, па дури и членови на семејството, со што се побива митот дека опасноста доаѓа исклучиво од непознати предатори. Речиси 60% од овие кошмари се случуваат директно на платформите Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, ТикТок и Вотсап.
Единствена светла точка за Македонија е високата стапка на доверба меѓу децата и семејствата. Скоро девет од десет жртви (87,6%) им раскажале на своите блиски за пеколот низ кој поминуваат, најчесто на мајките, татковците и пријателите. Сепак, поразително е што помалку од 1% од овие тешки случаи биле официјално пријавени до полицијата, социјалните служби или линијата за помош.
Глобално, над 20 милиони деца годишно минуваат низ дигитална експлоатација, а извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел, упати драматичен апел: „Овие искуства предизвикуваат длабоко емоционално страдање. Многу деца страдаат во тишина. Не смееме да го свртиме погледот!“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата