Свлечиште на земја денеска настанало на градилиште на територијата на општина Центар при што се оштетени делови од тротоарот и улицата, а паднала и бандера врз возило кое било паркирано во непосредна близина.
Во инцидентот, кој го потврди и Министерството за внатрешни работи (МВР), бил затрупан и багерот кој работел на градилиштето, а работникот кој управувало со него, за среќа навреме успеал да излезе од него.
Според МВР, настанот се случил на улицата „Христо Смирненски, при ископ на дипка за изградба на зграда.
„Денеска (25.05.2026) околу 13:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на ул. ‘Христо Смирненски’ при вршење на ископ на дупка за изградба на зграда со работна машина – багер, ангажиран од фирма инвеститор, настанало свлечиште на земјата, при што бил затрупан багерот, но лицето кое го управувало навреме излегло. Од свлечиштето оштетени се делови од тротоарот и улицата, а паднала и бандера која оштетила возило ‘дачија сандеро’, сопственост на Е.М.“, се вели во соопштението од МВР.
Оттаму додаваат дека за случајот се известени Центарот за управување со кризи (ЦУК), ЕВН и други институции, а на местото на настанот биле упатени полициски службеници. Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата