Анализа

ОВА Е ЛАВИРИНТОТ ЗА МАКЕДОНИЈА ДО ЕУ! Смее ли брза и да залута, или умно да следи процеси

Vecer | 27.10.2026

ОВА Е ЛАВИРИНТОТ ЗА МАКЕДОНИЈА ДО ЕУ! Смее ли брза и да залута, или умно да следи процеси

Постојат повеќе индикатори за тоа дали ЕУ ќе прими нови членки, еден е секако буџетот на ЕУ, преговарачката рамка, потоа пулсот на земјите членки, но улога игра и ОБСЕ. Така покажа праксата.

На пример пред Хрватска да стане членка на ЕУ, веќе во далечната 2013 година, ОБСЕ ја затвори канцеларијата во Загреб. Сега е веќе јасно дека до крајот на 2027 година ОБСЕ си заминува и од Подгорица, што би значело дека Црна Гора е стокмена за 28 членка. Или можеби не?

Индикаторот ОБСЕ вели – да. ОБСЕ во Македонија е од 1992 година и тоа се смета за најдолга мисија во една земја, ние би коментирале – неславен рекорд од причини што не е најавено затворање на мисијата во Скопје, и според тој индикатор можеме да заклучиме дека за Македонија на хоризонтот не се гледа членство во Унијата.

Зошто и како е познато, но сигурно има и работи што не ги знаеме. Критиките можат да одат на адреса и на ОБСЕ, не само на владите во Скопје, затоа што не успеало во градењето на демократските капацитети на земјата. Тоа, па, и не мора да биде точно, но таква е сликата, и затоа велиме неславен рекорд.

ПРАВОТО НА ВЕТО ОСТАНУВА

ОБСЕ во Црна Гора беше од 2006 година, кога Подгорица ја пресече папочната врвка со Белград. Сепак, останаа најмалку осум проблематични точки од таа заедничка федерација и СФРЈ и СРЈ, кои Загреб му ги наметна на својот сосед како услов за членство, кој, пак, надве-натри направи уставни измени.

Дали и Македонија брзоплето треба да ја направи таа опасна жртва? Подолу ќе го дадеме одговорот. Засега е отворен патот за преговори за Црна Гора, затоа што Хрватска не стави вето како што тоа на Македонија ѝ го прави Бугарија.

Но тоа не значи дека која било земја кандидат нема да добие вето и ако е на крајот на процесот. Тој нуклеарен инструмент нема да им се одземе на членките и е забетониран во членот 7 од Лисабонскиот договор. Во тој член е и силата на Бугарија да ни плесне вето и за македонскиот јазик!

МЕРЦ СИ СТАВИ ДИПЛОМАТСКИ РАКАВИЦИ. ЗОШТО?

На 28 октомври ќе се отвори пакетот во кој е стратегијата за проширувањето, иако веќе се знаат основните постулати.

Прв услов е дека до членство се стигнува по заслуга, но тоа сепак е само првиот дел од реченицата, а вториот е доколку некоја членка има проблем со некој кандидат, може да постави дополнителни услови. Нам ни ги поставува Бугарија, но тоа може да биде секоја членка.

Србија на пример ја блокираа најмалку шест членки. Блокирана е и Турција, но на брза бриселска лента се ставени Молдавија и фаворитот во трката Украина.

Тоа, сепак, не значи дека така и ќе остане, затоа што во моментов и светот, а со тоа и Европа се во геополитички маневри. И германскиот канцелар за идните членки неодамна на самитот на Берлинскиот процес во Милочер, Црна Гора, зборуваше позитивно, но и во доста завиена форма и во ракавици во однос на проширувањето. Јасно е – ништо не е дефинитивно.

Кои се главните причини?

Првин секако се внатрешната состојба во Унијата и проблемот со ветократијата. Она што е најавено како укинување на правото на вето за прием на новите членки е само преоден период за да им се даде малку надеж на кандидатките и да се види до каде можат да попуштаат, односно да даваат од своето. Сите се на шведската маса како мезе, а проблем е што за нив се предвидува преоден период од 15 години кога нема да можат тие да го користат правото на вето, што ќе рече по балкански нема да имаат можност за „памти па врати“.

САФЕ ГИ ЗАКОМПЛИКУВА РАБОТИТЕ ВО ЕВРОПА

Ако зборуваме за нас во ракавот, тоа е секако желбата на Брисел за натамошно отворање на пазарот за земјите кандидати, особено на планот на енергетското и дигиталното поврзување.

Но има едно сериозно но – Македонија е една од земјите што со потпис влегоа во европскиот безбедносен чадор САФЕ, план што се одвива под кодното име „Подготвеност 2030“, со што и таа дополнително стана подвижна цел на руските стратегиски интереси и цели.

Некој веднаш ќе праша што има Русија да се меша во политиките на ЕУ. Но Москва кажа дека има, а главната причина е што преку САФЕ се создава воен блок или како што веќе се нарекува НАТО 2.0. Па, ако Украина е ставена како геополитичка жртва и нема да влезе во НАТО, тогаш зошто Русите би спиеле за создавањето на новото европско НАТО? Се создава нова безбедносна архитектура, и тоа пред носот на ОБСЕ, кое молчејќи тоа го оправдува и така пред нас се создава тој европски кањон.

За Македонија сега отворањето на Уставот не е и не смее да биде приоритет!

Ова прашање за Македонија има посебна тежина доколку таа не успее да стане полноправна членка на ЕУ-клубот.

Даде сѐ, а не ја доби ветената награда. И токму стратегијата за проширување на ЕУ, која треба да ни ја каже еврокомесарката Марта Кос, може да стане и патоказ кон геополитичка поделба на Европа, со тоа што надвор од своето членство би ги оставила БиХ, Србија, Македонија (Турција е посебен пример затоа што има моќна армија и економија), а со неизвесна иднина Албанија и Црна Гора, па и Молдавија и Украина.

Овој можен геополитички кањон е опасен од причини што Америка се оддалечува од ЕУ, и воено и идеолошки, и ја става Унијата на четврто место од своите приоритети поставени во стратегиските документи на Вашингтон.

Па, така може да се случи, а натаму одат работите, Вашингтон и Москва да ја договорат идната соработка, а Европа да продолжи да се справува со сѐ поголемиот број внатрешни проблеми.

На Франција, Италија, Белгија, Германија, за каде што се најавуваат наскоро социјални протести, па и на Шпанија, Португалија и Италија е големо прашање дали сега им е до прашањето со нови членки. Особено што во Франција Марин Ле Пен од ден на ден ја зголемува својата популарност и може да се случи таа да биде претседател, а младиот Бардела премиер, како и наглиот раст на популарноста на германската крајно десничарска АфД.

Тие се противат на нови членки, се противат на финансирањето на Украина. И токму тука е таа опасност од создавање геополитички кањон. Затоа и Мерц и Макрон се обидуваат во трката со времето да обезбедат усвојување на буџетот на ЕУ, но работите се многу сложени. Макрон е во слободен пад, земјата е потресена од сериозни протести, буџетската каса е полна со дупки, а ѓаволот веќе тропа и на вратата на Германија.

И таму се најавуваат социјални протести, а тензијата се зголемува затоа што политичкиот естаблишмент тргна кон денунцирање на двата крајни политички пола што бележат растечка популарност – АфД, но и левицата, која има што да каже во Берлин.

Нам ни изгледа дека концептот на Германија за создавање унија во две брзини веќе зема замав, а за Македонија е подготвено чекање до неодредено време како држава од втор ранг во ЕУ.

Не е крај на светот, но дали е тоа по мера на тоа што го дадовме? Секако не, па затоа и сега во овој опасен геополитички момент отворање прашања по диктат на Бугарија е опасно и самоубиствено.

Приоритет треба да се внатрешните реформи, зајакнување на демократските капацитети на државата и создавање широк консензус за стратегиските прашања, за националниот интерес. Светот ќе биде сѐ поотворен за нови сојузи, партнерства, и во тоа е шансата на Македонија да избегне да биде фиксна цел, улога што може да ја добие со ова селективно геополитичко проширување на ЕУ.

Христо Ивановски (Нова Македонија)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk