Поранешниот генерал на падобранците Роберто Ваначи се прикажува на социјалните мрежи како римски легионер и возач на кочија. Тој изјави дека претпочита жени „без здолништа“, а објави и фотографија од државна секретарка со нагласено деколте, изработена со помош на вештачка интелигенција.
Ниту еден од овие обиди да се демонстрира машкост и отпор кон таканаречената „будна“ (woke) култура не е случаен гаф. Новата ѕвезда на италијанската радикална десница многу намерно се обидува да ја освои т.н. „маносфера“ ‒ интернет-заедница собрана околу темите за машкоста, правата на мажите и спротивставувањето на феминизмот ‒ со цел од провокатор на социјалните мрежи да се претвори во сериозна политичка сила, пишува „ПОЛИТИКО“.
За Џорџија Мелони, првата жена премиер на Италија, Ваначи сега е сериозен проблем. Таа мора да одлучи дали тој ѝ е политички сојузник или опасна конкуренција. Пред парламентарните избори што се очекуваат следната пролет, неговата партија „Национална иднина“ (Futuro Nazionale) ужива околу осум проценти поддршка во анкетите на јавното мислење, што би можело да ја направи клучен фактор во формирањето десничарска коалиција.
„Самата помисла дека некој може да манипулира со фотографија од жена за таква мизерна пропаганда е одвратна“, изјави Матилде Сиракузано, државна секретарка од десниот центар во коалицијата на Џорџија Мелони, чија фотографија беше искористена.
„Мислам дека младите мажи на Запад многу често се речиси неутрализирани кога станува збор за нивните инстинкти во односите со жените“, рече тој, тврдејќи дека дури и легитимните романтични пристапи можат да се протолкуваат како агресија.
„Културниот проблем е што понекогаш се чини дека сè е вознемирување, сè е злоставување и насилство“, додаде тој, нагласувајќи дека вистинското злоставување сепак мора да биде казнето.
Медитерански патријархат
Ваначи комбинира провокативни онлајн-попораки и слика на „алфа-маж“ со политичка агенда која ветува враќање на традиционалните улоги на мажите и жените. „Национална иднина“ за општествениот поредок што го застапува има посебно име: „Медитерански патријархат“.
Програмата на партијата повикува на воспитување „силни мажи“ способни да ги контролираат сопствените емоции и страсти, да ги заштитат жените и да се жртвуваат за општеството. Тој се спротивставува на неодамна воведеното кривично дело „фемицид“, го осудува феминизмот и ја прогласува заштитата на животот „од зачнување до природна смрт“ и „природното семејство“ за вредности околу кои нема преговори.
Главниот архитект на таквата визија и автор на најголемиот дел од програмата на партијата, Лоренцо Гасперини, е конзервативен католички професор по филозофија од Тоскана, кој се спротивстави на вакцинацијата и на правото на абортус, а на социјалните мрежи го обвини феминизмот за насилството врз жените.
Резултатот е политичка понуда што комбинира неколку различни традиции: конзервативно католичко разбирање на семејството и сексуалноста, постари италијански идеали за машкост и многу понова интернет-политика изградена врз чувството на машка обесправеност.
Стимулации за раѓање и наследството на Мусолини
Програмата се обидува да ги преведе традиционалните семејни вредности во конкретни мерки. Се предлагаат парични бенефиции за родителите кои ја напуштаат работата за да одгледуваат деца, како и даночни ослободувања и предност при вработување во јавниот сектор за родители со повеќе деца.
Некои предлози потсетуваат на фашистичката „Битка за раѓање“ на Бенито Мусолини, со која неговиот режим ги охрабруваше раѓањата со слични бенефиции, а воедно го промовираше мајчинството како патриотска должност.
Лука Сфорцини, поранешен идеолог на Ваначи кој во меѓувреме ги прекина односите со него, верува дека името „Медитерански патријархат“ е генијален маркетиншки потег.
„Тоа е исто како кога зборувате за медитеранската исхрана“, изјави тој за „ПОЛИТИКО“. „Помислувате на италијанска храна, моцарела, домати, маслиново масло.“
Така, според Сфорцини, патријархалниот модел на општество во кој мажите се над жените е скриен зад „пасторални и позитивни слики“.
„Тоа е монструозно“, заклучи тој.
Сепак, претставниците на партијата го отфрлаат тврдењето дека програмата се залага за машка супремација.
„Сосема спротивно. Кога зборуваме за медитеранскиот патријархат, основната идеја е да се обноват, зачуваат и пренесат одговорностите што мажите ги имаат во семејството и општеството.“
Мажите, тврдат тие, имаат должност да покажат почит, љубов и заштита кон жените, додека целосно го отфрлаат насилството и присилната контрола.
Заштитниците на партијата ја бранеа и изјавата на Ваначи за жените „без здолништа“, нарекувајќи ја „екстремно духовита“. Тоа беше алузија на потпретседателот на Владата Антонио Тајани, кој се залагаше за поумерени кодекси на облекување.
Според нив, способноста на Ваначи да се поврзе со обичните Италијанци наликува на политичкиот талент на Силвио Берлускони.
На неодамнешниот митинг во умбрискиот град Орвието, Ваначи го бранеше концептот на медитерански патријархат, тврдејќи дека тоа не означава „угнетување и поседување“, туку „должност, верност и жртва“. Тој додаде дека токму овој вид семеен модел овозможил општеството „да преовладее во последните 2.000 години“.
Елиса Ерколи, претседателка на организацијата за права на жените „Диференца дона“, ја осуди неговата програма како „враќање кон супремацијата на белиот, цисродов алфа-маж, на кого жената му служи како слугинка“.
Генералот кој ја освои радикалната десница
Ваначи, кој служеше во Ирак и Авганистан, стана медиумска сензација во 2023 година кога сам ја објави книгата „Светот наопаку“ (Il mondo al contrario), жестока конфронтација со имиграцијата, феминизмот и хомосексуалноста. Тој им порача на хомосексуалците во книгата: „Не сте нормални, помирете се со тоа“.
Неговите поддржувачи го поздравија како бранител на здравиот разум во услови на прогресивна политика. На изборите за Европскиот парламент во 2024 година, како кандидат на антиимигрантската партија „Лига“, тој освои повеќе од половина милион гласови. Во февруари истата година, ја основа својата партија „Национална иднина“.
Анализите на анкетите покажуваат дека околу 62 проценти од потенцијалните гласачи на неговата партија се мажи, а тој има особено силна поддршка меѓу физичките работници и невработените.
Федерика Формато, предавачка на британскиот Универзитет во Брајтон која ги проучува родовите прашања и радикалната десница, верува дека Ваначи „го тестира теренот“ за да види дали може да ги освои помладите мажи. Притоа, тој се потпира на чувството на „обесправеност“ кај младите мажи кои чувствуваат дека општеството повеќе не ги признава нивната позиција и привилегии.
Римски легионери, гладијатори и алфа-мажи
Како професионален војник, Ваначи мина години градејќи јавен имиџ околу физичката сила, ривалството и воената моќ. На социјалните мрежи се шират неговите фотографии генерирани од вештачка интелигенција, кои го прикажуваат како жител на антички Рим, во сцени што потсетуваат на филмскиот спектакл „Гладијатор“.
Според Формато, римската иконографија служи за проектирање „хипермашкост“, додека неговата воена кариера дополнително му помага да изгради имиџ на „алфа-маж“.
Хуморот, интернет-мемите и намерните провокации се особено ефикасни кај помладата публика, објаснува Формато, бидејќи овозможуваат сложените идеолошки пораки да се сведат на слики што лесно се разбираат.
„Тој не е наивен. Кажува одредени работи за да провоцира и да привлече уште поголемо внимание“, вели таа.
Џорџија Мелони се соочува со непријатен избор
Сето ова создава сериозна политичка главоболка за италијанската премиерка. Партијата на Ваначи им се допаѓа на гласачите од нејзината партија „Браќа на Италија“ и од „Лигата“ на Матео Салвини, додека нуди многу понекомпромисна програма за имиграцијата, социјалните вредности и надворешната политика.
Сепак, Ваначи ја остави вратата отворена за можен сојуз со Мелони доколку ѝ бидат потребни неговите гласови. Тој ја опиша „Национална иднина“ како природен партнер на десниот центар, но инсистира дека секој договор мора да ги почитува принципите на неговата партија.
Според изборниот закон на Италија, кој ѝ дава бонус за мнозинство на коалицијата со најмалку 42 проценти од гласовите, поддржувачите на Ваначи би можеле да бидат клучни.
Мелони затоа се соочува со непријатен избор: да го остави Ваначи надвор од коалицијата или да вклучи во својата влада движење чија привлечност делумно се заснова на незадоволството на мажите кои сметаат дека феминизмот отишол предалеку.
Според Формато, Ваначи го користи политичкиот простор во Италија каде што досега немало личност способна да го претвори таквото незадоволство во организирана изборна сила. Поранешниот генерал, ветувајќи враќање на традиционалната машкост, одлучи да го заземе токму тој простор.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата