Струмичката компанија „Оранжерии Хамзали“ во првите шест месеци од производство и продажба на раноградинарски производи инкасирале приход што надмина 6 милиони евра. Значи просечно оваа компанија од продажба на сопственото производство прави приход вреден 1 милион евра месечно.
Според известувањето на оваа компанија доставено до Македонската берза во нејзиното раноградинарско производство доминира доматот.
Речиси целото производство е наменето за домашниот пазар и тоа е слично на истиот период лани. Поради зголемените цени на производство компанијата се фокусирала на домашната продажба за сметка на извозот кој е преполовен во споредба со претходната година.
Инаку извозот во вкупната продажба учествува со 60.000 евра што е само 1 отсто од целиот приход од продажба.
Оперативните трошоци за производство за половина година изнесуваат 3,43 милиони евра и се за 31 отсто повисоки во однос на истиот период во претходната година.
Најголема ставка во структурата на трошоци се суровините и другите материјали за штокомпанијата потрошила 1,21 милиони евра односно 26 отсто повеќе од истиот период во 2023 година.
Трошоците за вработените во првите шест месеци годинава пораснале за 15 отсто и изнесуваат 900.000 евра. Тоа е втора по големина расходна ставка на „Оранжении Хамзали“.
Оперативната добивка на ова друштво изнесува 2,82 милиони евра. Тоа значи дека како профит од генерираниот приход останува речиси половина, што е повеќе од пристоен резултат.
Во овој временски период компанијата немала финансиски приходи ниту расходи и затоа добивката останува иста. По одбивање на данокот на добивка нето добивката изнесува 2,54 милиони евра.
Од билансот на состојба е евидентно дека обврските на ова друштво на крајот на јуни годинава изнесуваат 11,6 милиони евра. Од тоа тековни обврски се 6,3 милиони евра,а останатото се долгорочни обврски. Во обврските краткорочните и долгорочните кредити учествуваат со нешто над 10 милиони евра.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата