logo
logo
logo

Останува Извештајот да биде одобрен на пленарно заседание на ЕП

ЛОБИРАЊЕТО НА ПРЕМИЕРОТ ВРОДИ СО ПЛОД - пред македонски јазик нема да стои „модерен“

Vecer | 24.06.2025

ЛОБИРАЊЕТО НА ПРЕМИЕРОТ ВРОДИ СО ПЛОД - пред македонски јазик нема да стои „модерен“

Извештајот за напредокот на Македонија кој помина во Комитетот за надворешни работи на Европарламентот (АФЕТ) беше усвоен по жестока битка со амандмани од страна на бугарски европратеници и европратеници на германската демохристијанска ЦДУ.

Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент денеска со 40 гласови „за“, 19 „против“ и 10 „воздржани“ го усвои Предлог-извештајот за земјава подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц. По гласањето бугарски европратеник најави дека како додаток на Извештајот ќе предложат дополнение со „мислење на малцинството“.

Европратеникот Михаил Галер од ЦДУ/ЦСУ предложи амандман пред македонски јазик да стои одредницата „модерен“ македонски јазик, во корист на Бугарите.

Станаа шестмина од групата на Патриотите и го блокираа амандманот на Бугарија.

Претседателот на АФЕТ Дејвид Мекaлистер повика да се гласа извештајот на Томас Вајц. Бугарскиот европратеник Ивајло В’лчев направи скандал и потоа беше дадена пауза.

„Сите страни заслужуваат да бидат сослушани пред да се заземат позиции за било кои прашања“, им упати порака Мекалистер на бугарските пратеници кои приговараа и ги осудија како нешто несвојствено и неприфатливо за Европскиот парламент средбите и разговорите на известувачот со македонски политичари и функционери.

По усвојувањето на документот, Вајц кој воедно е и известувач на ЕП за земјава, порача дека е горд на целата напорна работа што била вложена во изнаоѓањето компромиси со цел „овој добро избалансиран извештај“ да може да биде донесен со широко политичко мнозинство.

– Денес го усвоивме првиот извештај за Македонија од 2022 година во Комитетот за надворешни работи. Горд сум на целата напорна работа што беше вложена во наоѓањето компромиси за да можеме да го донесеме овој добро избалансиран извештај со широко политичко мнозинство. ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме моменталниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување, додаде Вајц во писмената изјава по гласањето.

Сега по усвојувањето од страна на АФЕТ, останува Извештајот да биде одобрен на пленарно заседание на Европскиот парламент. Следното пленарно заседание на ЕП е закажано за од 7 до 10 јули во Стразбур.

Галер од ЦДУ/ЦСУ најави дека истиот амандман пред македонски јазик да стои одредницата „модерен“ ќе биде предложен и на пленарката каде што конечно треба да биде усвоен извештајот.

Бугарскиот европратеник Станислав Стојанов од националистичката партија Преродба на почетокот на месецов го обвини Вајц дека имал „ненајавени средби“ со македонските власти во текот на подготовката на Извештајот и дека ги нарушил правилата за транспарентност на Европскиот парламент, со што, според него, предложениот документ е компромитиран и необјективен.

Претседателот на АФЕТ, Мекалистер, ги осуди обвинувањата упатени изминативе недели на сметка на Вајц околу начинот на подготовката на Извештајот, посочувајќи дека практика е известувачот да биде во контакт со претставници на земјата за која се однесува документот што го подготвува.

Премиерот Христијан Мицкоски пред два дена откри дека добил вознемирувачки информации за координирани обиди во Брисел повторно да се атакува врз македонскиот јазик и идентитет.

– Успеавме да го амортизираме ударот кој што повторно некој сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик – изјави Мицкоски, нагласувајќи дека најголемиот дел од европратениците застануваат зад македонските аргументи.

Премиерот истакна дека веднаш по добиените информации, заедно со министерот за надворешни работи, реагирале координирано за да се спречи ваквата закана.

– Контактирав со сите од Брисел, и мислам дека успеавме некако да го амортизираме ударот – некој се обидуваше да создаде нова нација преку формулации како „модерен“ или „сегашен“ македонски јазик. Тоа не само што би нè поништило нас, туку би го нарушило и кредибилитетот на ЕУ – рече премиерот.

Извештајот, првично, требаше да биде ставен на гласање на 4 јуни, но беше одложен на барање на Вајц поради притисоците од бугарските европратеници, кои не се согласуваа со тоа што во дoкументот децидно се наведуваат македонскиот јазик и идентитет. Вајц тогаш образложи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.

Во Извештајот на Вајц се нагласува потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција и се посочува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ. Се повикува на брз напредок во преговорите за членство во ЕУ и спроведување на уставните измени. Во документот постојат неколку референци за признавање на македонскиот јазик и идентитет.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk