Претседателот на Собранието, Африм Гаши, доцна синоќа бил примен на Клиниката за дигестивна хирургија во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Како што пренесуваат дел од медиумите во Македонија, повикувајќи се на болнички извори, Гаши бил примен со тешки болки, но без крварење и други посериозни симптоми.
Утрово од Клиниката ја потврдија информацијата дека Гаши е примен во болницата, каде се уште се наоѓа.
Директорот на клиниката, проф. д-р Огнен Костовски за медиумите изјави дека Гаши бил примен нешто по полноќ, со сериозни болки и тегоби во стомачната регија.
- Пациентот е примен поради преплет на цревата. Ја следиме состојбата и досега немаме одлука за операција.
Се работи за преплет црева, но личи на нешто што може да се реши конзервативно. Пациентот е под постојан лекарски надзор – изјавил д-р Костовски.
Kабинетот на собранискиот спикер засега се нема огласено и нема информација дали претседателот Гаши е задржан на клиниката или по интервенцијата е пуштен на домашно лекување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата