Граѓаните повикани да ги исполнат даночните обврски

УЈП СО ПОРАКА ЗА ПОЧИТУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ: Се проверуваат приливите од странство

Vecer | 24.10.2026

УЈП СО ПОРАКА ЗА ПОЧИТУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ: Се проверуваат приливите од странство

Управата за јавни приходи (УЈП) започна со проверки на приливите од странство што граѓаните ги оствариле во текот на 2021 година, врз основа на податоци добиени од банките. До дел од граѓаните веќе се испратени персонализирани известувања со рок за исполнување на евентуалните даночни обврски.

Од УЈП предупредуваат дека доколку обврските не бидат исполнети доброволно, Управата ќе преземе мерки во рамките на своите законски надлежности за утврдување на данокот.

Сепак, од институцијата нагласуваат дека не секој прилив од странство подлежи на оданочување и дека добивањето известување не значи автоматски дека граѓанинот должи данок.

Обврската за пријавување се однесува на доход од странство што е оданочив согласно Законот за данокот на личен доход. Тука спаѓаат плати, хонорари, приходи од фриленс и интелектуални услуги, издавање недвижности преку платформи како Airbnb и Booking.com, капитални добивки од продажба на имот, криптовалути и хартии од вредност, дивиденди, камати, авторски права и добивки од игри на среќа.

Од друга страна, парите добиени како подарок, семејна поддршка или позајмица не претставуваат автоматски оданочив доход. Истото важи и за трансферите преку Western Union, Ria, MoneyGram и слични сервиси, бидејќи начинот на кој се испратени парите сам по себе не ја определува даночната обврска.

„Даночниот третман зависи од вистинскиот основ на приливот и од тоа дали станува збор за доход што подлежи на оданочување согласно законските одредби“, појаснуваат од УЈП.

Граѓаните, кога е потребно, треба да располагаат со соодветни докази за потеклото и основот на средствата што ги примиле од странство.

УЈП ги повикува сите што оствариле приливи од странство да проверат дали имаат даночна обврска и, доколку е потребно, да поднесат електронска пресметка за аконтација на данокот на личен доход (е-ППД) и да го платат утврдениот износ.

За постапката на пријавување, плаќањето и примената на договорите за избегнување двојно оданочување, граѓаните можат да се информираат преку официјалната веб-страница на УЈП и системот за електронски даночни услуги.

Дополнителни информации се достапни на електронската адреса [email protected], на бесплатниот телефонски број 0800 33 000 од фиксна линија и на 02 3253 200 од мобилен телефон, како и во канцелариите на Управата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk