Коридорот 8 (Од исток кон заопад) и Коридорот 10 (Од север кон југ) се двете клучни паневропски транспортни оски кои се сечат во Македонија, правејќи ја земјата важна геостратешка крстосница на Балканот. Владата ги смета двата коридори за стратешки приоритет неопходен за економски напредок, инфраструктурно модернизирање и политичка стабилност.
Покрај патниот и железничкиот сообраќај, по должината на двата коридори се развива и енергетска инфраструктура. Преку изградба на јужниот и северниот интерконектор за гас со Грција и Србија, Македонија се позиционира како важна транзитна земја за енергенси во регионот.
Софија се обидува да ја заобиколи Македонија, но географијата, или попрецизно геостратегијата на големите, повторно станува посилна од локал-политиката на егоистичките регионални центри на моќ.
Во време кога светот забрзано се прегрупира околу новите транспортни, енергетски и безбедносни коридори, Македонија повторно се наоѓа во центарот на големата геополитичка шаховска табла. Она што со децении изгледаше како балканска периферија, денес станува една од клучните точки на судирот меѓу американските, европските и кинеските интереси во Југоисточна Европа.
Коридорите 8 и 10 повеќе не се само инфраструктурни проекти. Тие стануваат геостратегиски артерии на новиот светски поредок. Токму затоа Македонија, и покрај блокадите, ветата и дипломатските притисоци, не може лесно да биде оттурната од регионалните текови.

Во последните години станува сè поочигледен обидот на Софија, делумно поддржан од Атина и од влијателни кругови во Брисел, да се наметне т.н. бајпас-стратегија за инфраструктурно, а со тоа и стратегиско, заобиколување и одминување на Македонија. Целта е главните европски транспортни и економски текови да ја заобиколат државата и да се пренасочат преку алтернативни правци.
Највидлив пример е изградбата на брзата железница од Солун кон Бугарија и понатаму кон Букурешт, финансирана со европски средства. Со тоа Софија се обидува да создаде нова оска Солун–Софија–Букурешт, која би ја минимизирала улогата на вардарско-моравскиот правец.
Беше изненадување веста кога министерот за транспорт, Александар Николоски, по извршен увид во фактите и докуметнацијата ја извести јавноста дека Бугарија не ни започнала изградба на својата територија за Коридорот 8 што е нивна обврска , а проекстот и трасата за тунелот кој треба да се копа и гради од двете страни и поврзе во целина - не е ни започнат.
“Пруга во должина од 22,4 километри за која е предвидено да чини 560 милиони евра, а завршува во тунел кој нема излез на другиот крај. Ваква е состојбата со пругата кон Бугарија, дел од Коридорот 8, изјави министерот на прес-конференција во јуни 2024.

За јавноста беше изненадување затоа што минатата власт СДСМ/ДУИ никогаш не дала информации до каде е бугарската страна на Коридорот 8 а постојано објавуваше дека мора да се продолжи со изградба на македонскиот дел на истата делница, но ништо не се преземаше тоа и да се сработи. Пасивноста на Бугарите, очигледно, се криеше за да не се предизвика негативна енергија за нив во познатиот циклус на постојани бугарски избори.
Од друга страна, на незапочнат проект, владата СДСМ/ДУИ ја качи цената и дојде до ниво на износ кој Македонија не е во можност да го плати.
“Самиот проект наместо првично планираните 340 милиони евра е со со зголемена предвидена цена за 220 милиони евра. Со тоа е дојдено до сума според која, како што истакна Николоски, оваа пруга ќе биде најскапата во светот во однос на цената за изградба на еден километар“.
Николоски успеа да издејствува ревизија на догоровот со Бугарија, и во ноември 2024-та ја имаме следната состојба:
„На состанокот од двете страни беше прифатено целиот проект во делот фаза 3 (делница Крива Паланка – Деве Баир), да биде преиспитан од причина што сегашната цена е превисока и неразумна со интенција истата да се намали. Двете делегации, исто така се согласија да се користи одлуката за технички проект за тунелот поднесен од ЈП Железници Инфраструктура“, изјави министерот.
Географијата на Балканот има свои ограничувања. Историјата покажува дека големите цивилизациски, трговски и воени текови неизбежно се движеле по долините на Вардар и Морава. Тоа е најкраткиот и најприроден пат меѓу Егејот и Централна Европа. Ниту една политичка конструкција не успеала трајно да го смени тој факт.
Американска стратегија: Затворање на геостратегиските празнини

Вашингтон одамна ја препознава оваа реалност. За американската стратегија на Западен Балкан, особено во државите надвор од Европската Унија, инфраструктурата станува инструмент на безбедноста.
САД денес гледаат на коридорот 8 како на дел од пошироката запад-исток архитектура, која треба да ги поврзе Црно Море и Јадранот. Во таа рамка се вклопува и Иницијативата на трите мориња – проект што има јасна геополитичка функција: ограничување на руското и кинеското влијание во Европа преку создавање нови транспортни и енергетски мрежи под западна контрола.
Токму тука Македонија станува незаменлива
Без стабилен и функционален македонски јазол, американската стратегија за вертикално поврзување на Југоисточна Европа останува недовршена. Поради тоа Вашингтон сè поотворено зборува за инфраструктурни инвестиции, нови фондови и за реобликување на присуството по згаснувањето на УСАИД, но овој пат преку подиректна улога на Стејт департментот и американските финансиски инструменти.
Во суштина, САД сакаат да спречат Балканот да остане „сива геополитичка зона“ – простор на нестабилност, блокади и конкурентни влијанија.
Кина и „Појас и пат“: Вардарската Долина како евроазиски коридор

Но американските интереси не се единствени. Кина веќе повеќе од една деценија систематски ја гради својата евроазиска инфраструктурна стратегија преку иницијативата „Појас и пат“.
За Пекинг, вардарско-моравскиот коридор има речиси цивилизациско значење.
Кинеската стратегија се темели на поврзување на егејските пристаништа, пред сè Пиреја и Солун, со срцето на Европа. Патот минува токму низ Македонија, Србија и Унгарија – држави што Пекинг ги гледа како клучни копнени мостови кон европскиот пазар.
Во таа смисла, Македонија не е периферија, туку централна транзитна точка на идниот евроазиски трговски појас.
Оттаму и растечката нервоза кај одредени европски центри на моќ. Брисел се обидува да ја намали зависноста од Кина, но економската реалност покажува дека најсилните европски економии, особено Германија, не можат лесно да се дистанцираат од кинеските инвестиции и синџирите на снабдување.
И Берлин ја менува стратегијата

Во тој контекст треба да се чита и најавениот пресврт во европската политика кон проширувањето.
Новиот германски канцелар Фридрих Мерц веќе сигнализира дека Европската Унија ќе мора да го поедностави и фазно да го реорганизира пристапниот процес за Западен Балкан. Причината не е идеализмот на Брисел, туку суровата геополитичка потреба.
Германија не сака Балканот да остане безбедносна празнина низ која ќе навлегуваат нестабилност, нелегални миграции, неевропско влијание врз инфраструктурата или растечко влијание на други сили надвор од Европа.
Токму затоа инфраструктурата повторно станува европски приоритет.
А кога се зборува за инфраструктура на Балканот, Македонија неизбежно се појавува како раскрсница на два клучни коридора – 8 и 10. И тука приказната почнува, тука и завршува. Им се доапаѓало или не на некои од соседите, Македонија станува стратешка зона и тоа е една од причините зошто владата инсистира на завршување на двата коридори.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата