Пријава од граѓанин била доволна за да почне вонредниот надзор што заврши со одземање на дозволата за работа на финансиското друштво Kреди Јес. Колкумина премолчеле забележани неправилности.
Имало ли причина и порано, со одлука на Министерството за финансии, да се затворат 39-те филијали во 22 града низ Македонија? И, да се заштитат многумина кои евентуално заглавиле со брзите кредити подигнати од ова друштво?
Бугарската инвестиција, која во изминатите години агресивно се ширеше на пазарот на брзи кредити, остана без лиценца поради, како што соопштија од Финансии, „сериозни повреди на законски обврски“, постапување спротивно на правилата за заштита на корисниците и практики со кои директно биле доведени во ризик граѓаните.
ОД БУГАРИЈА ДО 39 ФИЛИЈАЛИ НИЗ МАКЕДОНИЈА

Во бизнисот на финансиите Креди Јес влегува во 2009 година. Во Бугарија стартува со потрошувачките кредити достапни за сите. На македонскиот пазар доаѓа во 2019 година со отворањето на првата филијала во Скопје и со паралелен старт на онлајн кредитирањето, објави порталот Пари .
За само неколку години компанијата создаде широка мрежа низ државата и се приближи до илјадници луѓе, потенцијални клиенти: 9 филијали во Скопје, по 3 во Битола, Куманово и Тетово, по 2 во Гостивар, Прилеп и Струмица, со присуство во уште 13 градови.
Во план било натамошно проширување „сѐ со цел поголема достапност на услугите за сите клиенти од Македонија“. Но, и далечината не претставувала пречка, бидејќи преку својата веб-страница, од Креди Јес препорачувале: „Ако сѐ уште не е блиску до Вас на располагање ви е контакт центарот каде може да се обратите како да аплицирате целосно онлајн за да ги имате средствата на Вашата трансакциска сметка“.
БРЗИ КРЕДИТИ ЗА ДОБРА ЗАРАБОТКА

Со години наназад, брзите кредити колку што беа лесно достапни, толку беа и причина за целосни финансиски крахови на личности и цели семејства.
Страдаа и луѓе кои воопшто не виделе пари, затоа што нивните податоци биле злоупотребени. Моделот е едноставен – онлајн аплицирање, брза обработка и уште побрзо одобрување на бараните износи. Тој амбиент донекаде се промени со измените во Законот за финансиски друштва од 2023 година.
Финансиските друштва оценија дека новата регулатива е меѓу најстрогите во регионот и дека воведе ред во работењето. Посочуваа дека измамите со злоупотреба на личните податоци се сведени на минимум, како и дека при одобрувањето заеми нема скриени трошоци или ситни тешко читливи букви во договорот. Тврдеа – не се брзи кредитите, туку технологијата.
Во такви услови и Креди Јес ги кредитирала македонските граѓани. Во базата на Бизнис Мрежа се внесени податоците за нивното работење во периодот од 2021 до 2025 година.
Во 2021 година фирмата имала приходи од 287 илјади евра и 14 вработени. Само четири години подоцна, приходите достигнале 4 милиони евра, а бројот на вработени пораснал на 110.
Добивката во 2025 година изнесувала 1,14 милиони евра. Тоа е речиси 30 насто повеќе од претходната година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата