Подната фонтана на плоштадот „Македонија“ во Скопје е пуштена во пробна работа, а во тек се проверките и нагодувањата пред нејзиното целосно функционирање. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека просторот повторно ќе им биде на располагање на граѓаните и дека нема да се дозволи низ него да поминуваат автомобили и тешки товарни возила.
Ѓорѓиевски информираше дека плоштадот „Македонија“ и Камениот мост редовно и темелно се чистат, со цел да се зачува изгледот на едни од најпрепознатливите обележја на Скопје.
Тој нагласи дека обновата на фонтаната по години запоставеност е дел од заложбите за уредување на центарот на градот и враќање на просторот за детска игра, средби и дружење.
Градоначалникот посочи дека одржувањето нема да биде еднократна акција, туку постојана обврска, со цел плоштадот да остане уреден и достапен за граѓаните.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата