Цените на дел од вообичаените и редовни продукти за исхрана во маркетите и на зелените пазари во различни градови од Македонија вообичаено се разликуваат со благи ценовни дискрепанци. Но има и такви што значително отскокнуваат од просечната цена.
Граѓаните отсекогаш биле заинтригирани како може на толку мал простор да има толку големи разлики. Но некои од нив дури се организираат на шопинг-посети во соседните градови, кога таму има „пазар“ или кога знаат кој производ за широка потрошувачка им треба, па со вкалкулиран превоз дотаму, доколку се исплати, одат во викендите до шопинг- дестинацијата.
Според нашето истражување, поради разлики во цените на продуктите за широка потрошувачка, а особено за исхрана, некои граѓани дури и купуваат стока во поголеми количества и ја препродаваат на „поскапите пазари“ низ земјава.
Еден од поголемите и повпечатливи примери во нашата земја е цената на гравот, традиционално јадење, кое, секако, им е омилено и на странците што доаѓаат во Македонија. Просто е неверојатно како некогаш производителите на најпознатото и највкусно гравче во земјава, имено тетовчани, станаа потрошувачи на најскапиот грав?!
Натаму, регистрирани се примери на уште поголема ценовна дискрепанца кај месото. На пример, забележана е разлика во цените на местото (двојно), па жителите на Скопје плаќаат двојно поскапо месо од жителите, на пример, на Штип.
Што регистрира Државниот завод за статистика (ДЗС) по ова прашање?
Податоците на Државниот завод за статистика откриваат дека во Тетово грав се продава за дури 500 денари за килограм. Додека во цела земја просекот е 230 денари за килограм, тетовчани јадат многу поскап грав. Овој продукт најевтино може да се купи во Струмица, за 153 денари, додека во главниот град се продава по цена од 183 денари за килограм.
Од друга страна, јаболката, кои исто така се редовни на нашите трпези, во просек чинат 68 денари за килограм, но охриѓани ги плаќаат најскапо или 97 денари за килограм, а зад нив се тетовчани со 85 денари за килограм јаболка.
Државниот завод за статистика го објави најновиот месечен билтен во кој се опфатени и цените на основните прехранбени производи по градови во Македонија.
На еднодневна туристичка прошетка, но и по намирници во соседниот град
Податоците откриваат дека изминатиов период повторно има забрзан раст на цените на продуктите. А деталниот преглед покажува дека поскапувањето не е насекаде еднакво.
Зачудува податокот дека гравот во еден град чини толку повеќе, што дури жителите би можеле да појдат до првиот соседен град и да го купат по пониска цена, па дури и превозот да го вклучат во трошоците за набавка.
Граѓаните се заинтригирани во врска со ваквите разлики, особено што нема голем пат од еден до друг град во земјава и зошто некаде цените се значително пониски.
– Иако веројатно се должи на различните набавки и различното потекло на дел од продуктите, сепак големите разлики не се објаснуваат на некој опиплив, рационален начин. Се има впечаток дека трговците сѐ уште ставаат маржа „од ѓутуре“, без да се грижат за казни или за граѓаните што немаат толку висок социјален статус. Веројатно и нема посебни одредби што би дефинирале колкава маржа смеат да пресметуваат трговците, па затоа ставаат кој колку сака и имаме толку големи разлики. Треба уште поголема трговска дисциплина– вели еден жител на главниот град.
Сепак, ова не ја објаснува цената од 500 денари за килограм грав во Тетово, кога истиот тој се продава од 150-160 до 183 денари за килограм.
Големи разлики има и кај овчото сирење, кое се продава најевтино во Велес, и тоа по цена од 479 денари за килограм, па до 620 денари за килограм во Струмица.
Скопјани плаќаат за месо највисока цена во споредба со другите градови
Податоците на ДЗС откриваат дека големи разлики има и кај цените на месото, каде што исто така во зависност од градот и од доставувачите, цените се разликуваат за 300 денари по килограм и повеќе. Па така, јунешко месо во Штип чини само 319 денари, додека истото тоа во Скопје се продавало (во мај) по цена од 767 денари за килограм.
Големи разлики има и кај телешкото месо, кое, повторно, најевтино е во Штип и чини 379 денари за килограм и, повторно, најскапо е во Скопје каде што се продава по цена од 977 денари за килограм.
Што се однесува пак до свинското месо, иако и тука има отстапки, сепак, нема толку големи разлики. Цените на свинското месо од еден до друг град се разликуваат за стотина денари по килограм и се движат од 308 денари за килограм свинско месо во Штип до 412 денари за килограм месо во Струмица.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата