Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова верува дека со Румен Радев, како иден премиер, ќе може да се трага по ново решение за билатералниот спор кој ги кочи македонските евроинтеграции.
Иако со него како поранешен претседател имале многу несогласувања, шефицата на државата посочи дека постои меѓусебна почит.
„Кога луѓето ќе дојдат на власт и можат да ги управуваат работите, умеат понекогаш да посегнат и по подобри решенија“, истакна таа, анализирајќи го новиот политички контекст во Софија.
„Јас го очекував овој резултат. На сите во Бугарија им беше познат високиот рејтинг на довчерашниот претседател на Бугарија, Румен Радев, и некако само тој беше стабилен елемент во поделбата на власта, сè друго беше варијабила и релативно. Мислам дека бугарските граѓани се изморени од нестабилни влади, кои постојано се менуваат, и веројатно затоа му ја дадоа довербата на новоформираната партија на господинот Радев. Мнозинството е такво што може сам да формира влада, но веројатно, заради потребата од двотретинско мнозинство, ќе коалицира со партиите кои ги посочи како можни коалициски партнери“, рече Сиљановска-Давкова.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата