Во текот на месецот јуни, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија 6165 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.
Расчистени се повеќе обемни диви депонии лоцирани во општините Гази Баба, Ѓорче Петров и Бутел. Во општината Гази Баба е интервенирано на улицата Перо Наков и во населбата Ченто, при што се подигнати 65 кубни метри отпад, додека во општината Ѓорче Петров се подигнати 75 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани на улицата Лихнида и во Новоселски пат.
На територијата на скопската општина Бутел, ЈП Комунална хигиена-Скопје отстрани вкупно 155 кубни метри непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад.
Во рамките на минатиот месец, Претпријатието подигна и транспортира и 14 030 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје.
ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со секојдневно машинско миење на скопските булевари и улици, со употреба на автоцистерни. Седум дена во неделата, во три смени, се спроведува машинско и рачно метење и миење на плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и целокупниот простор на Старата скопска чаршија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата