logo
logo
logo

Фондот за пензиско бара вработени - ПЛАТИТЕ И ДО 850 ЕВРА, конкурсот завршува на 10 јули

Vecer | 09.07.2025

Фондот за пензиско бара вработени - ПЛАТИТЕ И ДО 850 ЕВРА, конкурсот завршува на 10 јули

Фондот за пензиско и инвалидско осигурувања на Македонија бара кандидати за пополнување на повеќе работни позиции.

Нивните огласи, покрај во дневниот печат, се објавени и на веб страната на Агенцијата за администрација, а меѓу кандидатите се бараат и нови работници за Скопје, Кочани, Гевгелија, Крива Паланка....

Платите кои се нудат воопшто не се за потценување, и секако за огласите ќе има голем интерес.

Така на пример за позицијата Раководител на одделение за стопанисување со имотот на Фондот, се бара лице кое е државјанин на Македонија, активно го користи македонскиот јазик, да е полнолетен, и да нема забрана за дејност.

За идниот раководител се бара да има 240 кредити стекнати според ЕКТС или седми степен високо образование, со најмалку 4 години работно искуство во струката и една година работа во јавен сектор. Идниот раководител ќе добива нето плата од 52.740 денари.

Фондот објави оглас со кој бара и внатрешен ревизор во одделението за внатрешна ревизија, кој како и претходниот треба да ги исполни истите услови, но со единствена разлика во работното искуство кое треба да е најмалку две години во струката. Платата на идниот ревизор во Фондот ќе достигнува скоро 44 илјади денари или поточно 43.993 денари месечно.

Трета позиција која ќе се пополнува во Фондот е соработник за комплетирање на податоци од матична евиденција во филијалата во Кичево. И тука заинтересираните треба да ги исполнат слични услови, со понизок степен на факултетско образование, а дополнително прифатливи се кандидати со и без работно искуство. Платата на идниот работник во Кичево ќе достигнува 39.561 денар.

Се бараат и кандидати од Гевгелија, или од околината кои се подготвени да работат во филијалата во Гевгелија, и тоа на позиција на водител на отсек – контролор за решавање. Кандидатите покрај стандардните услови мора да имаат и високо образование со 240 кредити од областа на правните или економските науки, но и најмалку три години работно искуство. Плата ќе достигне 43.423 денари.

Се бара контролор на податоци во матична евиденција и придонес од пензиско и инвалидско осигурување за филијала во Кочани, и заинтересираните треба да имаат високо образование со најмалку 180 кредити, но не се бара задолжително работно искуство. Платата ќе изнесува 39.561 денари.

Се бара и Архивар за филијалата во Крива Паланка кој исто како и претходните треба да е државјанин на Македонија, активно да користи македонски јазик, да е полнолетен, без забрана за дејност, и да има високо образование од 180 до 240 кредити, но и вишо или средно образование е прифатливо. Работно искуство за архивар не се бара, а платата за оваа позиција е 32.480 денари.

Фондот бара и кандидат за позицијата соработник за права, и тоа за филијалата во Струмица. Тој покрај општите услови треба има високо образование од областа на правните или економските науки, но не се бара работно искуство. Неговата плата ќе достигнува 39.561 денари.

Се бара и заинтересиран кој би работел како референт за пријави и одјави на осигуреници и обврзници за уплата на придонеси во филијалата во Тетово, кој треба да исполни слични услови како и за претходните позиции. Не се бара работно искуство, а референтот би добивал плата од 32.480 денари.

Огласите веќе се активни и дел од нив траат до денес, утре - 10 јули, или само уште еден ден, додека друг дел траат до 16 јули, или уште една недела.

Изминатиов период Фондот преку оглас барал кандидати за уште 16 работни позиции, но пријавувањето за нив веќе е завршено, а деталите може да ги видите на веб страната на Агенцијата за администрација.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk