Археолошкиот свет остана во тотален шок по неверојатното и фасцинантно откритие во Турција, каде што беа ископани совршено зачувани отишоци од кучешки шепи стари застрашувачки 4.000 години!
Сензационалната вест ја потврди лично турскиот министер за култура и туризам, Мехмет Нури Ерсој, откривајќи детали за овој драгоцен траг од секојдневниот живот од бронзеното време. За време на обемните ископувања на локалитетот Тавшани Хојук во провинцијата Ќутахја, истражувачкиот тим налета на стара цигла од кал која некогаш била дел од ѕид на куќа, уништена во страшен пожар пред четири милениуми.
Имено, древниот „крзнен пријател“ прошеткал преку уште топлата и свежа цигла направена од земја, вода и слама додека таа се сушела на сонцето, оставајќи сигурни отишоци од своите шепи кои се зацврстиле и преживеале милениуми, за зачуваат еден мал, неочекуван момент од праисторијата.
Археолошките ископувања ги води професорот Еркан Фидан уште од 2021 година, а локалитетот Тавшани Хојук важи за еден од најголемите градови од бронзеното време во западна Анадолија. Водечките експерти посочуваат дека овој уникатен артефакт е директен, конкретен доказ за блиската врска меѓу луѓето и нивните миленици од пред цели четири илјади години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата