Полифенолите од боровинките и брусниците би можеле да го забават стареењето на клетките и развојот на фиброза – процес при кој здравото ткиво се заменува со ткиво слично на лузна – покажува истражувањето на научниците од Државниот универзитет во Сургут и Националниот центар за биотехнологија на Казахстан.
Како што пренесува „РИА Новости“, директорката на Медицинскиот институт при Универзитетот во Сургут, Људмила Коваленко, изјави дека ефектот на полифенолите врз забавувањето на клеточното стареење бил најизразен кај боровинките.
Истражувачите анализирале бобичести плодови одгледани во регионот Сургут, во Северна Русија.
Полифенолите се растителни соединенија кои, покрај тоа што ги штитат растенијата од штетници, болести и ултравиолетово зрачење, поседуваат и антиоксидантни и антиинфламаторни својства.
Научниците утврдиле дека соединенијата од боровинките и брусниците имаат потенцијал да ги регулираат процесите на стареење на клетките и развојот на фиброза.
Фиброзата подразбира создавање ткиво со лузни и може да ги зафати белите дробови, црниот дроб, бубрезите, срцето и цревата.
Според Коваленко, истражувањето укажува на можноста за користење на полифенолите за намалување на ризикот од развој на фиброза и забавување на нејзината прогресија, особено кај белодробната (пулмонална) фиброза.
Научниците наведуваат дека резултатите од истражувањето би можеле да послужат како основа за развој на функционални прехранбени производи, а долгорочно гледано, и за развој на лекови за третман на фиброза.
Истражувањето е спроведено во рамките на проектот на Државниот универзитет во Сургут, насловен „Биомедицински решенија за персонализирана медицина“, и е објавено во списанието Biomedicines („Биомедицинс“).
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата