logo
logo
logo

Семејство се бори за пристап до здравствена грижа: Пациент препраќан од болница до болница

Vecer | 20.06.2025

Семејство се бори за пристап до здравствена грижа: Пациент препраќан од болница до болница

Наместо да добие нега во болничка соба, 77-годишен неподвижен човек добил дијагноза во болнички ходник, додека со својот син со недели се обидувал да добие адекватна здравствена помош. Ниту една институција не сакала да ги прими.

Во првата обид, таткото и синот се јавиле во градската болница „8-ми Септември“, каде биле препратени кон хируршкиот центар „Св. Наум Охридски“, но и таму не нашле решение.

Синот, Небојша Додевски, опишува дека ситуацијата е тешка и за него, бидејќи веќе девет години оди на дијализа трипати неделно, а сега мора да го негува татко му:

Јас немам бубрези веќе девет години и не мокрам, туку морам да одам на дијализа. Имам големи обврски околу татко ми, но најмногу ме вознемирува што нѐ препраќаат од едно место на друго, кај неспособни вработени, што ме исцрпува и физички и психички.

Небојша Додевски

Како последна надеж, се обратиле во Општата болница во Велес, но и таму биле одбиени, без преглед.

Докторите и сестрите во болницата се чудеа зошто доаѓаме од Скопје, кога тие ги праќаат таквите пациенти таму. По неколку операции, слезе сестра наместо доктор. Ѝ покажав документи и упат, но ми рече дека ѝ требаат повеќе снимки и очигледно сакаше да не врати назад.

Небојша Додевски

Нарасположен и разочаран, семејството било приморано да си замине дома. Но по јавниот притисок и интересот на институциите, конечно биле повикани на преглед во болницата во Велес.

Штом биле поставени прашања до надлежните, болницата во Велес се организирала и со возило на Итна помош го донела пациентот, кој претходно не бил примен.

Од болницата во Велес објаснија дека на денот на нивната прва посета, докторот бил зафатен со неколку операции, а додека дошол редот, семејството веќе си заминало. Сега ветуваат дека пациентот ќе добие соодветна грижа.

Од Градската болница „Св. Наум Охридски“ информирале дека извршиле преглед, но пациентот бил пренасочен во Велес, согласно договор со Министерството за здравство, поради ризик од инфекции и поради тоа што таму се лекуваат повредени од пожарот во Кочани.

Од Министерството за здравство појаснуваат дека по нивна интервенција е постигнат договор пациентот да биде згрижен во општата болница во Велес, каде ќе му се направат сите потребни испитувања и третман.

Пациентот ќе биде згрижен во Општата болница во Велес, како Центар за оперативни третмани на пациенти со хронични рани и дијабетично стапало. Ќе се направат сите испитувања и ќе се даде натамошна терапија.

Министерство за здравство

Небојша се надева дека со натамошното лекување, неговиот татко конечно ќе добие грижа, а слична судбина нема да ја доживее ниту една друга фамилија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk