logo
logo
logo

Ако билките во саксија не ви успеваат, сигурно правите една грешка

Vecer | 10.07.2025

Ако билките во саксија не ви успеваат, сигурно правите една грешка

Многумина не се свесни дека некои вообичаени грешки во негата на билките всушност можат да им наштетат и да доведат до нивно уништување.

Саксиското цвеќе може да внесе боја на терасите и другите надворешни простори, но грижата за него носи голем број предизвици. Понекогаш, и покрај грижата и трудот, растенијата едноставно не напредуваат. Често се случува, иако редовно ги наводнувате и негувате, сепак нешто да го забавува нивниот раст.

Еден од најчестите проблеми при негувањето саксиско цвеќе е неправилното залевање. Секој знае дека на билките им е потребна вода за да преживеат, но, како што пишува „Дејли експрес“, експертите тврдат дека повеќето луѓе не го наводнуваат цвеќето доволно темелно за водата да стигне до корењата.

Додека при наводнување на цветна леа, доволно е да се навлажни горниот слој на почвата бидејќи водата природно продира надолу, ситуацијата е поинаква со саксиите. Ако не се пристапи правилно, растението може да остане целосно суво и без потребната вода за преживување.

Градинарот Адам Киртланд во видео на Tикток објаснува дека при залевање на саксиското цвеќе, водата најчесто лизга по внатрешните рабови на саксијата и се собира на дното, без да ја натопи средината на почвата каде што се корењата.

„Можам да ви кажам едно со сигурност: не ги наводнувате доволно своите цвеќиња. Растенијата во саксиите секогаш остануваат посуви од оние во земјата. Ќе ви покажам колку навистина можат да бидат суви“, вели Киртланд, демонстрирајќи го ова со помош на напукната саксија од која морал да го пресади цвеќето. Откако ја вади билката и ја преполовува почвената маса, тој покажува дека почвата околу рабовите е влажна, но дека внатрешноста, каде што се наоѓаат корењата, останува целосно сува.

За да го реши овој проблем, Киртланд препорачува едноставно решение: повеќе вода. Тој лично користи цела кантичка за залевање по саксија за да биде сигурен дека водата продира до секој дел од почвата.

„Сè се сведува на залевање во подножјето на билката, никако преку листовите. Навистина е едноставно. Запомнете го мојот совет: една саксија, една кантичка“, вели Киртланд.

Преку своите коментари, тој истакнува дека саксиите за време на летните денови треба да се залеваат секојдневно. Покрај правилното наводнување, важно е да се избере соодветна саксија и висококвалитетна почва. Саксијата мора да има дренажни отвори за да се спречи задржувањето на водата, а почвата мора да биде прилагодена на видот на растението.

Најдобро е растението да се полева кога горниот слој на почвата се суши, и тоа темелно, сè додека водата не почне да излегува низ дренажните отвори. Билката смее да стои во вода. Треба да се постави на место со соодветно осветлување и повремено да се превртува за растот да биде рамномерен.

Овенатите и пожолтени листови треба редовно да се отстрануваат за да се поттикне здрав раст. Исто така, растението треба да се пресадува на секои една до две години, или кога корењата ќе ја надраснат постоечката саксија - во таа прилика се користи поголема саксија и свежа земја.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk