logo
logo
logo

Семејството Ѓоковиќ има свои правила: Јелена има интересно објаснување

Vecer | 19.06.2025

Семејството Ѓоковиќ има свои правила: Јелена има интересно објаснување

Јелена Ѓоковиќ, сопругата на најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, често јавно зборува за начинот на кој ги воспитува нивните деца – синот Стефан и ќерката Тара. Нејзините ставови привлекуваат внимание од јавноста, особено кога ги комбинира духовноста, традицијата и современите вредности.

На едно од неодамнешните гостувања, како дел од панелот „Иднината е сега“, Јелена Ѓоковиќ зборуваше за тоа како нивното семејство ги менува вкоренетите обрасци на однесување, нагласувајќи дека ги одгледуваат Стефан и Тара без физичко казнување.

„Првата генерација без тепање“

„Моите деца се првата генерација во нашето семејство која никогаш не добила ќотек. Јас добивав од моите родители, како и мајка ми пред мене, татко ми, моите баба и дедо, како и родителите на Новак. Стефан и Тара се првите кои пораснаа без тоа, и верувам дека токму ова – да не одговараме на грешките и погрешните толкувања на емоциите со насилство – навистина ќе го промени светот. Го сметам за голем квантен скок во менувањето и на историјата и на иднината“, истакна таа.

Забрането е дување на свеќички за роденден

Она што особено ја изненади јавноста беше уште едно, донекаде необично правило што таа го воведе во своето семејство – за роденден, свеќите на тортата повеќе не се гаснат. Јелена детално ги објасни причините за оваа одлука:

„Сите ние во косовските манастири и цркви палевме свеќи за живите и мртвите, за здравје и мир. Свеќата е симбол на несебична жртва – таа гори за да им даде светлина и сјај на другите. Таа е симбол на живот, просветлување, отстранување на стравовите и темните мисли од нашиот ум и срце и предавање на Божјата светлина. Па, како го усвоивме обичајот да го прославуваме раѓањето на животот со дување на свеќата на тортата, а во исто време да замислуваме желба?!“, праша Јелена и додаде дека сака да го промени тој обичај барем во својот дом. Така Стефан и Тара, според нејзините зборови, биле „осудени“ на родендени без да ги издуваат свеќите.

Новак Ѓоковиќ во неколку наврати зборуваше и за своето семејство, децата и неговата поврзаност со Косово. Во изјава од пред две години, тој откри дека има голема желба да ги крсти децата токму таму.

„Сакам да се вратам на Косово со сопругата и таму да ги крстам Стефан и Тара. Знам дека тоа е чувствително прашање, дека конфликтите сè уште постојат, иако повеќе не се вооружени, но тензиите се присутни. Не сакам да навлегувам во политика, но за секој Србин, Косово е во срцето – тоа е центарот на нашата култура, нашиот идентитет, нашата традиција и нашата вера“, рече тогаш Ѓоковиќ.

Инаку, Стефан ќе наполни 11 години во октомври, додека Тара го слави својот 8-ми роденден во септември.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk