logo
logo
logo

ГЕРМАНЦИТЕ И НАТАМУ ШОКИРАНИ: 500.000 Хрвати го слават фашизмот!? Зошто ЕУ молчи?

Vecer | 08.07.2025

ГЕРМАНЦИТЕ И НАТАМУ ШОКИРАНИ: 500.000 Хрвати го слават фашизмот!? Зошто ЕУ молчи?

Медиумите на германски јазик продолжуваат да пишуваат за концертот на Марко Перковиќ Томпсон и да зборуваат за историскиот ревизионизам, релативизацијата на фашизмот, хрватскиот национализам и фактот дека тој е дел од општествениот тек во Хрватска.

Во еден осврт во весникот „Берлинер Цајтунг“ под наслов „500.000 Хрвати го слават фашизмот“ и поднаслов: „Концертот на ултранационалистичкиот пејач Томпсон фрла вознемирувачка светлина врз состојбата во земјата“ прво се објаснува потеклото на поздравот „За дом спремни“, повлекувајќи паралела со Германија:

Да замислиме за момент дека половина милион луѓе во Берлин се собираат на десничарски рок концерт и заедно извикуваат „Зиг Хајл“. Ова е незамисливо во Германија. Меѓутоа, во Хрватска, фашистичкиот поздрав „За дом спремни“ гласно се скандира од масите.

Во исто време, според авторот, особено вознемирувачки бил големиот процент на млади луѓе меѓу посетителите на концертот, генерација која не ги доживеала војните од 1990-тите и ги знаела само од учебници, и која очигледно се идентификувала со воените пораки на пејачот.

Култот на Томпсон, понатаму се наведува, не е субкултура во Хрватска, што го покажува не само големиот број посетители на концертите, туку и фактот дека политичката и спортската елита на земјата со задоволство го присвојува.

Фудбалскиот тим и другите спортисти редовно ги слават своите успеси со неговите песни, политичарите од сите партии ги свират неговите песни за време на изборните кампањи, а музиката на Томпсон одекнува од баровите на јадранските плажи секоја сезона, наведува германскиот весник.

Хрватска изгради херојска верзија на историјата, во која воените злосторства се потценуваат, а фашистичките елементи се романтизираат. Со секој стих што го пее Томпсон, оваа селективна култура на сеќавање одекнува сè погласно и погласно на вечерното небо на Загреб и целото хрватско општество, се наведува понатаму.

Синилото на Јадранското Море се чини дека многу покрива. А што врие во внатрешноста на земјата, се предупредува на крајот од текстот, пренесува Дојче Веле.

Сепак, авторот ја гледа одговорноста за ова и во пасивноста на Европската Унија. Секој што сериозно ја сфаќа заедницата на европски вредности не смее да молчи пред ваквото културно разубавување на минатото. Затоа што, кога половина милион луѓе се собираат да слават пејач кој отворено флертува со фашистички симболи, тогаш веќе не станува збор само за музика.

Станува збор за неуспехот на Европската Унија јасно да ги исцрта границите кон фашизмот, според авторот на опширната анализа на концертот на Томпсон во весникот „Берлинер Цајтунг“.

На почетокот од својот осврт за концертот на Хиподромот во Загреб, објавен под наслов „Стотици илјади извикуваат фашистички пароли“, весникот „Ноје цирхер цајтунг“ забележува дека Томпсон го отворил концертот со поздравот „Слава на Исус и Марија“ и пораката дека Европа треба да се врати на своите христијански корени за Хрватска повторно да биде силна.

Тој им ја пренесува пораката на своите обожаватели дека припаѓаат на голема нација и се претставува себеси како провокатор и национален херој.

Швајцарскиот весник потоа забележува дека „За дом спремни“ е поздрав на фашистичката усташка организација, која воспостави марионетска држава под нацистичка Германија за време на Втората светска војна во Хрватска и Босна и Херцеговина, и дека дури и во саботата, стотици илјади луѓе го извикуваа тој фашистички поздрав без двоумење.

Авторот потсетува дека оваа фраза сè уште предизвикува страв кај малцинствата во Хрватска и дека за време на Втората светска војна, под усташката власт, Евреи, Срби и Роми биле масовно убивани. Ова сигурно не му беше непознато не само на Томпсон, туку и на бројни познати личности од светот на политиката и фудбалот кои беа присутни на концертот. Но, тоа изгледа некому не му пречеше.

Дури и конзервативниот премиер Андреј Пленковиќ го посети Томпсон со неговите деца на генералната проба.

Концертите на човекот кој се именувал по американската автоматска пушка (Томпсон) биле за време на војната (1991-1995) ритуали за зајакнување на колективниот идентитет и остануваат такви до ден-денес, се наведува во текстот.

Потоа се потсетува дека, поради глорифицирањето на фашизмот, на Томпсон му беше забрането да настапува на концерти во Швајцарија, Германија, Австрија, Холандија, Босна и Херцеговина и Словенија во последниве години.

На крајот, авторот заклучува дека Томпсон го канализира националното чувство и го зајакнува, и дека ова е форма на христијански национализам.

Добрите се секогаш присутни со Томпсон: семејството, хрватскиот народ, Бог, Марија. И Злите: комунисти и предавници на хрватскиот народ. За време на концертот во саботата, лесни дронови нацртаа крст и слика од Марија, мајката на Исус на ноќното небо. Хрватскиот национализам е тесно поврзан со искривена форма на католицизам, пишува Noje cirheR cejtung.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk