logo
logo
logo

Русија ги предупредува САД, Јапонија и Јужна Кореја поради Северна Кореја

Vecer | 12.07.2025

Русија ги предупредува САД, Јапонија и Јужна Кореја поради Северна Кореја

Висок руски претставник во саботата испрати јасно предупредување до Соединетите Американски Држави, Јапонија и Јужна Кореја во врска со нивните обиди за формирање стратешки сојуз насочен против Северна Кореја – една од клучните сојузници на Русија во конфликтот со Украина.

„Предупредуваме да не се злоупотребуваат вакви врски за создавање сојузи насочени против кого било, вклучително и против Северна Кореја и, секако, против Русија,“ изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, според државната новинска агенција ТАСС.

Сергеј Лавров, руски министер за надворешни работи

Изјавите на Лавров дојдоа за време на неговата посета на Северна Кореја, каде се сретна со неговата колешка, Чое Сон Хуи.

Во последниот период, врските меѓу Русија и Северна Кореја се зајакнуваат – особено откако Северна Кореја почна да испраќа војници и муниција за руските операции во Украина, како дел од безбедносната спогодба склучена во јуни 2024 година.

Сега, Москва и Пјонгјанг на заеднички начин се обидуваат да спречат потенцијално странско влијание во Источна Азија.

САД, Јапонија и Јужна Кореја во петокот одржаа заеднички воени вежби со американски бомбардери во близина на Корејскиот Полуостров, како одговор на напредокот на севернокорејската нуклеарна програма. Според проценките, Северна Кореја располага со околу 50 нуклеарни боеви глави и капацитет да произведе уште.

Воени претставници од САД, Јапонија и Јужна Кореја се сретнаа во Сеул, повикувајќи ја Северна Кореја да се воздржи од активности кои претставуваат закана за регионалната безбедност – пред се на нејзината нуклеарна програма. Северна Кореја, пак, заедничките воздушни вежби ги смета за провокација и изрази решеност да се брани од сите воени закани.

„Технологиите што ги користи Северна Кореја се резултат на трудот на нејзините научници. Ја почитуваме аспирацијата на Северна Кореја и ги разбираме причините поради кои се стреми кон развој на нуклеарна програма,“ потенцираше Лавров.

Сергеј Лавров

За време на разговорот со Лавров, Чое Сон Хуи истакна дека Северна Кореја „безусловно“ ја поддржува руската војна против Украина и ги нарече односите меѓу двете земји „непобедлив сојуз“.

Оваа средба е само последна во низата значајни дипломатски контакти меѓу Русија и Северна Кореја. Секретарот на рускиот Совет за безбедност, Сергеј Шојгу, минатиот месец се сретна со лидерот Ким Јонг Ун во Пјонгјанг, додека претседателот Владимир Путин ја посети Северна Кореја во јуни за да го потпише билатералниот договор со Ким.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk