
Извештајот наведува дека Пекинг преку различни агресивни стратегии добил доминација врз рударството на клучни минерали како литиум, кобалт, никел, бакар, манган и графит, како и врз производството на катоди, аноди и други важни елементи. Оваа контрола се протега до финалното склопување на батерии за автомобили, дронови, електроника, воени апликации и резервни енергетски системи.
Кина, според извештајот, ја користи економијата за да влијае врз слободните пазари преку т.н. 'паразитски' економски модел.
Пекинг применува широк спектар на нелиберални практики за доминирање на синџирите на снабдување, создавање зависности од ресурси, поткопување на странските конкуренти, концентрација на економска моќ и дестабилизација на нови пазари. Ваквата стратегија е суштински паразитска, пресметана да профитира од наивноста на други земји кои ги почитуваат правилата, додека Кина свесно ги крши.
Овој 'паразитски' модел подразбира манипулација со цени, субвенции, продавање под производна цена, кражба на интелектуална сопственост, пренос на технолошко знаење, создавање монополи и агресивна вертикална интеграција.
Кина одамна ја препозна важноста на критичните минерали за воените технологии, инвестирајќи над 57 милијарди долари во проекти за рударство и преработка на минерали во Африка, Латинска Америка и други делови од светот уште пред дваесет години. Преку обемни инвестиции во сиромашни, но рудно богати земји како Демократска Република Конго, главно преку иницијативата Појас и Пат, Кина успеа да овладее со целиот синџир на снабдување.
Резултатите се очигледни: денес Кина произведува 65% од светскиот литиум, над 85% од кобалтот погоден за батерии, 95% од графитот за батерии, 85% од анодите на база на литиум, 70% од катодите и 90% од нивните материјали, како и речиси 97% од материјалите за аноди.
Фондацијата во извештајот препорачува повеќе стратегии за одговор, меѓу кои и диверзификација на синџирите за снабдување. Тоа треба да овозможи подобра соработка меѓу пазари засновани на слободна конкуренција и да ја ослаби кинеската економска доминација.
Време е за нови насоки, поцврста политика и заеднички меѓународен одговор на нелојалните практики. Создавањето независни синџири за критични материјали може да поттикне нов бран на соработка и економски напредок низ сојузништвата и пазарите во развој, спротивставувајќи се на паразитскиот модел на Кина.
Признавањето на безбедносниот ризик од кинеската доминација беше двигател и за иницијативите на американската администрација да воспостави спогодби со земји како Украина и Конго, со цел да обезбеди удел во нивните рудни резерви. Овие напори овозможија и олеснување на мировни процеси помеѓу Конго и Руанда, при што руандската војска е ангажирана во регионот за обезбедување клучни минерали.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата