logo
logo
logo

Франција го одбележа националниот празник со воена парада на Шанзелизе

Vecer | 14.07.2025

Франција го одбележа националниот празник со воена парада на Шанзелизе

 На парадата учествуваа околу 7.000 припадници на вооружените сили – и мажи и жени, како и 102 летала (авиони и хеликоптери), 200 коњи и бројна воена механизација, соопшти француското Министерство за вооружени сили.

Дел од војниците маршираа во борбена опрема, наместо во свечени униформи.

Парадата беше организирана околу три централни теми: 100 години од симболот Bleuet de France (Францускиот синец), национално единство и иновации во одбраната.

Програмата започна во 9:55 часот по локално време со пристигнувањето на претседателот Емануел Макрон, кој изврши преглед на трупите, по што следеа воздушна, пешадиска, моторизирана и коњичка парада. Настанот заврши околу пладне.

Меѓу највпечатливите моменти на парадата беше појавувањето на бел овен по име Месауд, талисман на Првиот полк стрелци. Според француската телевизија TF1, ова е првпат од 1964 година наваму овој полк да ја изведе својата маскота на Шанзелизе.

Припадник на полкот изјави дека Месауд, кого го опишува како симбол на сила, плодност и истрајност, е присутен во полкот уште од неговото формирање во 1841 година. Секој војник, пред да тргне во борба, го гали овенот за среќа, објасни тој.

Присуството на животното не е само фолклорен момент, туку и знак на припадност и почит кон историјата на француската војска.

Паралелно, во комплексот „Лес Инвалидес“ во Париз се одржува јавна иницијатива со изложби на копнени возила и средби со воен персонал, информираат француските власти.

Оваа година се одбележуваат и 230 години од прогласувањето на „Марсељезата“ за национална химна на Франција. Песната, чија музика и текст се дело на воениот инженер и композитор Клод-Жозеф Роже де Лил, првпат била испеана во Париз на 30 јули 1792 година од страна на револуционерниот баталјон од Марсеј, по кој го добила и името.

„Марсељезата“ официјално станала химна на 14 јули 1795 година, а како државен симбол е повторно утврдена со закон во 1879 година. 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk