Според се повеќе објавени, а сега и докумнетирани, информации што доаѓаат од фронтовската линија на војната во Украина, мексиканските нарко-картели се обидуваат да ја искористат војната против Русија за да стекнат знаење за употребата на борбени дронови FPV (преглед од прво лице), пишува специјализираниот портал The War Zone.
Имено, според францускиот истражувачки портал Intelligence Online, украинските и мексиканските разузнавачки служби започнаа истрага за шпанските говорници во меѓународната легија интегрирана во украинската армија, кои можеби не дошле да се борат од идеализам, туку за да научат како да убиваат со дронови во служба на нарко-картелите.

Националната разузнавачка служба на Мексико (CNI) испрати меморандум до контраразузнавачката служба SBU на Украина, предупредувајќи дека некои волонтери од Мексико можеби го користат својот престој во Украина за да стекнат практично знаење за управување со дронови FPV. Истрагата вклучува членови на Меѓународната легија на GUR, вклучувајќи ја и полутајната „Тактичка група Етос“ што дејствува во областите Донбас и Харков.
Сомневањата се шират и кон Јужна Америка: постојат индикации дека поранешни членови на колумбиските герилци на ФАРК се приклучиле на Легијата со ист мотив - воена обука за потребите на криминалните организации.
За мексиканските картели, FPV дроновите претставуваат нова фаза во технолошката трка. Пред неколку години, тие почнаа да користат обични квадрокоптери со експлозиви, потоа модели што фрлаат бомби, а сега - според аналитичарите - се префрлија на софистицирани FPV дронови што можат да маневрираат низ прозорци и да погодат одредена цел.
Стефано Ритондејл од аналитичката компанија Арторијас, специјализирана за нарко-картели, тврди дека веќе во март, FPV дрон е пронајден во близина на градот Икстлан дел Рио во мексиканската држава Најарит. Видео на кое се гледа тој дрон се појави кон крајот на април. Сè укажува, вели Ритондејл, дека CJNG (Cártel de Jalisco Nueva Generación) се обидел да елиминира член на соперничкиот картел Синалоа со дрон.
Аналитичарите од X профилот @natsecboogie, кои ги следат недржавните актери како картелите, потврдуваат дека CJNG е „во фаза на интензивна модернизација“ и дека собираат информации од Украина за тоа како да ги прилагодат FPV беспилотните летала на своите цели. Во картелската војна, овие цели вклучуваат, на пример, локални нарко-босови со утврдени живеалишта, оклопни возила и обезбедување.
Но, летањето со FPV беспилотни летала е многу посложено од летањето со комерцијален DJI беспилотен авион. Потребно е знаење, пракса и пилотски инстинкт. Постојат интензивни курсеви во Украина - се сомнева дека некои говорници на шпански јазик во тие FPV училишта имале значително криминално минато и се поврзани со паравоени нарко-милиции од Латинска Америка.
Бронтовите веќе се користат во конфликтите меѓу CJNG и картелот Синалоа. Целта не се само луѓето, туку и таканаречените „нарко-тенкови“ - оклопни возила познати како „монструоси“, кои картелите ги користат повеќе од една деценија.
Украинските власти сега се соочуваат со непријатна реалност: земјата што ги отвори своите врати за странски борци во знак на солидарност против руската агресија можеби несвесно станала камп за обука на нарко-убијците на иднината.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата