Најавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски по последниот самит на „Коалицијата на волните“ во Берлин дека на Украина за 2027 година ѝ се потребни 115 милијарди евра повторно го стави во фокус прашањето за одржливоста на финансиската политика на Европската Унија, се наведува во анализата на хрватскиот медиум. Според пресметките на Европската комисија, на Киев следната година му недостасуваат дополнителни 70 милијарди евра покрај веќе предложениот заем од 45 милијарди евра, за кој сè уште не постои потребниот консензус меѓу земјите-членки, поради што Брисел подготвува ново задолжување за да ги покрие украинските финансиски потреби. Во коментарот се оценува дека Комисијата предводена од Урсула фон дер Лајен ги занемарила директните и индиректните трошоци за европските граѓани, доведувајќи ја Унијата во ситуација идниот повеќегодишен финансиски рамковен буџет да биде условен од досегашните и идните трошоци за Украина, што во дел од јавноста отвора дилеми за економската оправданост на заедничките политики.
Според официјалните податоци на Европската комисија наведени во текстот, ЕУ и нејзините земји-членки од почетокот на руската инвазија обезбедиле вкупно 245,5 милијарди евра поддршка за Украина и украинските граѓани. Авторот прецизира дека оваа сума не претставува само директни готовински уплати на украинската влада, туку вклучува 131,3 милијарди евра обезбедени или гарантирани преку буџетот на ЕУ, 77,9 милијарди евра за воени мерки, 17 милијарди евра поддршка за земјите-членки за прифаќање бегалци, 15,5 милијарди евра билатерална помош од самите членки и 3,8 милијарди евра приходи од замрзнатиот руски имот. За да се илустрира големината на овие средства, во анализата се прави споредба со клучните развојни програми на Унијата во седумгодишниот период од 2021 до 2027 година: вкупната поддршка за Украина е речиси 58 пати поголема од Програмата за единствен пазар (4,2 милијарди евра наменети за конкурентност на малите и средните претпријатија и заштита на потрошувачите), седум пати поголема од фондот „Connecting Europe Facility“ за прекугранични транспортни, енергетски и дигитални врски (33,7 милијарди евра) и околу 2,6 пати поголема од главната програма за истражување и иновации „Хоризонт Европа“ (93,5 милијарди евра). Во текстот се забележува дека дури и пошироката категорија „Единствен пазар, иновации и дигитализација“ изнесува 161 милијарда евра (околу 65 отсто од помошта за Украина), додека Кохезиската политика за изедначување на регионалниот развој изнесува 392 милијарди евра, што значи дека поддршката за Киев одговара на приближно 63 отсто од целиот кохезиски фонд, поради што во анализата се предупредува дека Европа технолошки сè повеќе заостанува зад САД и Кина.
Покрај директните буџетски издвојувања, во коментарот се нагласува дека енергетскиот шок, прекинот на врските со Русија и промената на снабдувачките правци создале огромен дополнителен трошок за европските домаќинства, компании и државни буџети. Според процените на Комисијата, увозот на фосилни горива во ЕУ во 2022 година чинел околу 604 милијарди евра, а во 2023 година паднал на 427 милијарди евра, што сè уште е за 45 отсто над предвоениот просек од 300 милијарди евра годишно (2014–2020), оставајќи за 430 милијарди евра повисока увозна сметка само во тие две години. Истовремено, нето-фискалниот трошок на државите-членки за кризни енергетски мерки со кои се ублажувал ударот врз граѓаните и стопанството изнесувал приближно 190 милијарди евра во 2022 и 150 милијарди евра во 2023 година. Кога грубо ќе се соберат 245,5 милијарди евра поддршка за Украина, 430 милијарди евра повисоки трошоци за увоз на енергенси и 340 милијарди евра државни интервенции, анализата доаѓа до вкупна бројка од околу еден билион евра пропуштени развојни можности.
Политичко-економските последици од овие процеси веќе се чувствуваат во најголемите европски економии, Франција се соочува со сериозен фискален притисок и социјални немири, додека во Германија владејачката коалиција се соочува со длабока недоверба кај граѓаните и економска стагнација. Дополнителен удар врз конкурентноста претставуваат цените на енергијата: според податоците на Агенцијата на ЕУ за соработка на енергетските регулатори (ACER), просечната цена на електричната енергија за индустриските потрошувачи во ЕУ во 2025 година изнесувала околу 151 евро за мегават-час, наспроти 74 евра во САД, што ја прави енергијата двојно поскапа за европската индустрија и ги поттикнува компаниите да ги селат новите производствени капацитети надвор од континентот. Истовремено, стоковната размена меѓу ЕУ и Русија паднала за повеќе од три четвртини, од 252,8 милијарди евра во 2021 на 58,3 милијарди евра во 2025 година. Иако Европскиот ревизорски суд констатирал дека санкциите речиси го запреле директниот извоз на производи важни за руската воена индустрија, истото тело предупредило дека Европската комисија нема критериуми за процена на вкупната ефикасност на санкциите ниту на нивниот ефект врз европските сектори, додека Русија ја надоместила трговијата преку трети земји — па така руската трговија со Кина во 2024 година била за 82 отсто поголема отколку во 2021 година, а со Индија се зголемила за повеќе од шест пати.
Во завршниот дел од анализата се посочува дека долгорочниот финансиски товар дополнително ќе порасне поради обновата на Украина, која според заедничката процена на Светската банка, Европската комисија, Обединетите нации и украинската влада од февруари 2026 година ќе чини речиси 588 милијарди долари (над 500 милијарди евра) во наредните десет години. Овие обврски директно ја менуваат логиката на следниот седумгодишен буџет на ЕУ: Германија и канцеларот Фридрих Мерц бараат намалување на идниот буџет за неколку стотици милијарди евра и спуштање на уделот на кохезиската и земјоделската политика од околу две третини на половина од буџетот, додека предлогот на Комисијата предвидува зголемување на средствата за одбрана, безбедност и вселена на 131 милијарда евра (пет пати повеќе отколку во тековниот период) и до 100 милијарди евра за Украина. Со оглед на тоа што Мерц германската согласност за новиот буџет ја условува со учество на сите земји-членки во покривањето на украинскиот финансиски дефицит, во анализата се заклучува дека помалку развиените членки стравуваат оти фондовите наменети за намалување на економските разлики во Унијата трајно ќе бидат пренасочени кон воени трошоци и финансирање на војната.
Извор: jutarnji
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата