РАБОТА И ВО НЕДЕЛА, ДОГОВОРИ ДО ЧЕТИРИ ГОДИНИ – Германија подготвува голем пакет измени

Vecer | 23.11.2026

 РАБОТА И ВО НЕДЕЛА, ДОГОВОРИ ДО ЧЕТИРИ ГОДИНИ – Германија подготвува голем пакет измени
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Германската влада усвои предлог-закон според кој работодавачите можат да ги задржат работниците со договор на определено време до четири години, двојно подолго од сега, и да го продолжат дури шест пати, без да наведат никаква причина.

Според официјалната веб-страница на германската влада, овој пакет го спроведува договорот постигнат од страна на демохристијаните и социјалдемократите на состанокот на коалицискиот комитет на 1 јули. Законот сè уште треба да го разгледаат Бундестагот и Бундесратот.

-Нашата цел е да зачуваме работни места во Германија и да овозможиме нови вработувања – рече министерот за труд Александар Швајцер.

Според сегашните правила, германските работодавачи можат да понудат договор на определено време без да наведат посебна причина за максимум две години, со можност за продолжување максимум три пати во тој период. Според новиот предлог, договорот може да трае до четири години, со можност за шест продолжувања.

Новото правило треба да стапи на сила следната година, а би се однесувало на сите работници кои ќе започнат со работа до 31 декември 2030 година.

Нацрт-законот исто така, предвидува можност работодавачот да понуди договор на определено време без да даде причина дури и на работник кој претходно бил вработен кај него, што генерално е забрането според сегашните правила. Исто така, договорот на определено време повеќе нема да мора да се потпишува во хартиена форма, туку би било доволно да се склучи преку е-пошта.

Кога ќе истече договорот на определено време, работниот однос завршува и нема да има автоматско преминување кон договор на неопределено време по две или четири години. Ова значи дека нововработените работници, вклучително и оние од Македонија кои штотуку доаѓаат во Германија, би можеле да чекаат двојно подолго за побезбедно вработување отколку порано.

Оваа промена би им користела на младите луѓе кои штотуку ја започнуваат својата професионална кариера, бидејќи тие често ги добиваат своите први работни места врз основа на временски ограничени договори.

Пакетот носи промени и во областа на заштитата од отказ. На работодавачите би им било полесно да го раскинат договорот за вработување со вработените кои годишно заработуваат повеќе од 1,75 пати повеќе од горната граница за пресметка на пензиските придонеси. Тој износ моментално е околу 180.000 евра, а раскинувањето на договорот би било можно со исплата на отпремнина.

Исто така, се планира да се прошири можноста за работа во недела и за време на празници, имено во пекари, слаткарници и јавни библиотеки. Исто така, на работодавачите во дејности кои се под посебен надзор поради непријавена работа би им било полесно да ги документираат условите за работа.

Ова не е единствената промена што ги очекува вработените во Германија. Коалицијата на канцеларот Фридрих Мерц сè уште преговара за измени во правилата за работно време, а се разгледува и можноста за работен ден што трае подолго од осум часа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk