Американскиот претседател Доналд Трамп им се обрати на новинарите и коментираше за моменталната ситуација на Блискиот Исток, особено конфликтот меѓу Израел и Иран.
Трамп рече дека е „многу тешко“ да се побара од Израел да ги запре нападите, што е токму она што Иран го побара од САД.
Понатаму, Трамп тврдеше дека Иран „не сака да разговара со Европа“ и дека земјата „сака да разговара со нас“, мислејќи на САД. Тој исто така додаде дека „Европа нема да може да помогне во овој момент“, имплицирајќи дека европските земји немаат доволно влијание во решавањето на овој конфликт.
Кога новинарите го прашаа дали верува дека евентуалната одлука за напад на Иран би била најважната одлука што би морал да ја донесе како претседател, Трамп одговори: „Не можам да ви го кажам тоа сега. Ќе ви кажам за околу една година... Никогаш не се знае со овие одлуки“.
Тој, исто така, им рече на новинарите дека „можеби“ би поддржал прекин на огнот меѓу Израел и Иран, „во зависност од околностите“. Тој додаде дека „малку е тешко да се натера некого да запре“ кога станува збор за ваков вид конфликт.
На крајот, тој заклучи: „Израел се справува многу добро во војната, а би рекол дека на Иран му оди малку полошо“.
МААЕ откри контаминација во нуклеарниот објект Натанц во Иран
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) откри акутна опасност од зрачење и хемиски супстанции во нуклеарниот објект Натанц во Иран, иако нивоата на зрачење надвор од комплексот се на нормално ниво, изјави шефот на агенцијата, Рафаел Гроси, пред Советот за безбедност на Обединетите нации во петокот.
„Сепак, во објектот во Натанц станува збор за радиолошка и хемиска контаминација“. Можно е изотопи на ураниум да се расфрлани низ целата централа, додаде Гроси.
„Радијацијата се состои првенствено од алфа честички кои претставуваат значителна опасност ако се вдишат или проголтаат. Таквиот ризик може ефикасно да се управува со соодветни заштитни мерки“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата