Властите во северна Франција се обидуваат повторно да ја воспостават испораката на електрична енергија за 68.000 домаќинства погодени од прекинот на струја во ек на жестокиот топлински бран кој веќе со денови го пржи поголемиот дел од Западна Европа.
Приоритет во обновата на снабдувањето имаат здравствените центри и другите клучни објекти, додека на домовите за стари лица, по прекинот на струјата во вторникот, им се обезбедени агрегати. Властите соопштија дека причина за прекинот во снабдувањето бил дефект на трансформатор.
„Инцидентот беше случаен и поврзан со актуелниот топлински бран“, се наведува во соопштението. „Ниту едно лице не е повредено.“
Рекордните температури ширум Европа, кои се искачуваат и до 18 степени Целзиусови над нормалните вредности, според Climate Monitor на Ројтерс, ги пореметија сообраќајните мрежи и ги принудија училиштата и туристичките места да се затворат. Метеоролошката агенција Meteo France изјави дека условите се споредливи со топлинскиот бран од август 2003 година, кој траеше 16 дена и, според проценките, предизвика 80.000 дополнителни смртни случаи ширум Европа.
Сè уште не се знае колку ќе трае моменталниот топлински бран, предизвикан од временски феномен познат како „Омега-блок“, кој овозможува температурите да растат од ден на ден.
Европа се загрева повеќе од двојно побрзо од глобалниот просек, соопшти Светската метеоролошка организација, поради што долготрајните топлински бранови се сè поизгледни. Топлинскиот бран ги принуди градежниците да го променат работното време за вработените да можат да ги избегнат најголемите горештини. Трговците истовремено се борат со големата побарувачка за вентилатори и преносни клима-уреди, додека земјоделците жетвата ја извршуваат ноќе поради забраната за работа во попладневните часови од опасност од пожари.
Десетици луѓе се удавија додека се обидуваа да се разладат скокајќи во реки, езера и други водени површини.
Во Велика Британија, операторот на електроенергетската мрежа побара од производителите да го зголемат производството на електрична енергија поради наглиот пораст на потрошувачката за време на рекордните горештини. Здравствените власти издадоа црвено предупредување за горештини, по вторпат во историјата, предупредувајќи дека екстремните температури претставуваат опасност по животот не само за болните и постарите лица туку и за здравите луѓе. Британските железнички оператори советуваа само за неопходни патувања за време на двата најтопли дена, среда и четврток, бидејќи поради горештините беа воведени ограничувања на брзината на возовите.
На југоистокот на Франција, обдукцијата покажа дека две деца, на возраст од две и четири години, починале како последица на екстремна горештина откако останале во автомобил паркиран пред семејната куќа. Нивната мајка изјавила дека не знаела дека децата се во возилото, соопшти регионалниот обвинител.
Италијанското министерство за здравство издаде највисоко предупредување за горештини за 16 градови, од Фиренца и Милано до Рим, Торино и Верона.
Се очекува условите дополнително да се влошат, особено во централните и северните региони, а топлинскиот бран најверојатно ќе го достигне врвот меѓу недела и понеделник, изјавија метеоролозите. Temperaturite би можеле да достигнат 41 степен Целзиусов меѓу Тоскана и Емилија, додека во крајбрежните подрачја како Лигурија, комбинацијата од горештина и екстремна влажност би можела да го крене чувството за температура и до 45 степени Целзиусови.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата