logo
logo
logo

Замрзнатиот мега-проект: КАКО АЛБАНСКАТА МАФИЈА ГО СОПНА ЗЕТОТ НА ТРАМП

Vecer | 12.08.2026

Замрзнатиот мега-проект: КАКО АЛБАНСКАТА МАФИЈА ГО СОПНА ЗЕТОТ НА ТРАМП

Албанците го предупредиле зетот на Трамп за Артур Шеху, Кушнер му исплатил 120 милиони долари за островот за кој жителите на селото Звернец тврдат дека им го одзел бизнисмен кој побегнал во САД

Кога жителите на малото албанско село Звернец го предупредиле Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, да не го купува нивното мало острово бидејќи станува збор за одземена дедовина, тој не ги послушал.

Наместо да го запре проектот, Кушнер продолжил по свое и му исплатил 120 милиони долари на Артур Шеху, човекот кого жителите го обвинуваат за кражба на земјиштето.

Сопругот на ќерката на Трамп, Иванка, мислел дека со тоа приказната ќе биде завршена.

Дури и неговиот правен тим го уверувал дека не би требало да има никакви проблеми.

Но, само два месеца по заклучувањето на договорот за купопродажба, албанското обвинителство побарало апсење на Шеху бидејќи тврдат дека имаат докази дека тој наводно играл клучна улога во шверцот на наркотици од Јужна Америка во Европа.

Осомничен е и за перење пари од дрога и за фалсификување документи за сопственост.

Албанските обвинители потоа ги замрзнале банкарските сметки и финансиските средства поврзани со луксузниот туристички проект зад кој стои Кушнер.

Неговата голема инвестиција во Албанија со тоа била ставена на лед.

Шеху со години им е познат на медиумите и на обвинителството

„Јутарњи лист“ го пренесува пишувањето на албанскиот портал „Балканвеб“, кој го опишува Шеху ‒ човекот што му ги нарушил плановите на Кушнер ‒ како 60-годишен албански бизнисмен кој со години им е познат на медиумите и на обвинителството.

Полицијата го бара уште од средината на 90-тите години од минатиот век, кога првпат дошол под нејзина лупа поради сомнение дека во соработка со италијанската мафија шверцувал марихуана и префрлал мигранти во Италија.

Меѓутоа, од Шеху тогаш немало ни трага ни глас бидејќи, пред да успеат да го уапсат, им побегнал на властите.

Следниот пат бил виден дури во 2001 година во Мајами.

Во САД побарал азил тврдејќи дека бега од комунистички банди кои му ги убиле вујкото и братот, а подоцна се стекнал и со американско државјанство.

Така, веќе три децении успешно избегнува да биде уапсен од албанските власти.

И покрај големите протести против проектот на Кушнер, неговата деловна групација и понатаму се обидува да ја турка инвестицијата.

„Волстрит журнал“ пишува дека групата моментално работи на документот за проценка на влијанието врз животната средина, што е предуслов за добивање владини одобренија пред почетокот на градбата.

Иако против проектот се кренале десетици илјади демонстранти, одделни официјални лица од Европската Унија, па дури и познати личности како пејачката Дуа Липа, проектот и понатаму има силна поддршка од албанскиот премиер Еди Рама.

Се потсетува дека Рама проектот со вкупна вредност од пет милијарди долари го претставил како важно страно вложување кое треба да ја поттикне албанската економија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk