Сообраќајот низ Ормускиот Теснец, една од клучните светски рути за транспорт на енергенси, драстично опадна, откако вчера низ стратешкиот премин поминале само два танкери. Според податоците на платформата „Кплер“, станува збор за најмал број товарни пловила што го минале Теснецот во еден ден од почетокот на мај.
Бројката е значително под десетдневниот просек од 14 пловила дневно. Во неделата низ Ормускиот Теснец поминале седум пловила од различен тип. Сепак, бројот може дополнително да се промени бидејќи дел од бродовите ги исклучуваат транспондерите за навигација при минувањето.
Прелиминарните податоци на платформата „Вортекса“ покажуваат дека вчера низ Теснецот бил транспортиран еквивалент од околу пет милиони барели нафта дневно. Во седумдневниот период до 23 август, просечниот дневен транспорт на нафта низ оваа рута изнесувал меѓу шест и седум милиони барели.
Дополнителен притисок врз поморскиот сообраќај создаде и одлуката на Иран да стави 45 танкери на црната листа поради, како што наведува Техеран, прекршување на неговите правила за минување низ Теснецот. Иран воедно предупреди дека може да преземе мерки и против пловила што со овие танкери вршат претовар на стока од брод на брод.
„Сè уште треба да се види како Иран ќе може да обезбеди почитување на овие правила од страна на пловилата што не ги почитуваат“, изјави висок пазарен аналитичар од „Вортекса“, предупредувајќи дека нова ескалација или напади врз бродови би можеле дополнително да го нарушат сообраќајот.
Пред почетокот на конфликтот, низ Ормускиот Теснец минувала приближно една петтина од светскиот поморски транспорт на сурова нафта и течен природен гас, поради што секое сериозно нарушување на сообраќајот може да има последици врз глобалните енергетски пазари.
Во меѓувреме, Иран се закани со одмазднички мерки поради проширените американски санкции, со кои Вашингтон настојува да го ограничи главниот извор на приходи на Техеран.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент вчера претстави нови санкциски мерки, но не ги воведе најстрогите предвидени ограничувања. Тој предупреди дека државите и компаниите што ќе продолжат да тргуваат со Иран би можеле да го изгубат пристапот до финансискиот систем базиран на американскиот долар.
За разлика од Ормускиот Теснец, сообраќајот низ Баб ел-Мандеб, уште еден значаен поморски премин на спротивната страна од Арапскиот Полуостров, останува на вообичаеното ниво. Во понеделникот низ него поминале 30 пловила, во споредба со 28 во неделата, што е приближно во рамките на десетдневниот просек.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата