Рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг редовно изјавуваат дека пријателството меѓу Русија и Кина е непоколебливо и дека стратешката воена и економска соработка меѓу двете земји е во златно доба.
Но, вистината е дијаметрално поинаква, а руската разузнавачка служба ФСБ (Федерална служба за безбедност), наследник на познатата КГБ, ги смета Кинезите за противници, објави Њујорк тајмс на 7 јуни, повикувајќи се на интерни документи на оваа руска разузнавачка агенција.
Репортерите на „Тајмс“, благодарение на хакерскиот тим „Арес Ликс“, добија таен документ од осум страници подготвен од 7-миот оддел за контраразузнавачки операции на ФСБ, кој е задолжен за борба против шпионажата од Кина и други азиски земји.
Во статијата се наведува дека е невозможно 100% да се потврди автентичноста на документот, но претставници на шест западни разузнавачки агенции, на кои новинарите им го покажаа извештајот на ФСБ, рекоа дека тој изгледа автентичен. Документот воопшто не е датиран, веројатно е нацрт, но содржината укажува дека е напишан кон крајот на 2023 година или почетокот на 2024 година.
Накратко, Кина и Русија не си веруваат една на друга, а Кинезите ги тестираат своите агенти со детектори за лаги откако ќе се вратат од Русија, нивните служби внимателно следат 20.000 руски студенти на кинеските универзитети и се обидуваат да регрутираат Руси кои се во брак со кинески жени како потенцијални шпиони.

Во документот се наведува дека Русија и Кина се вклучени во „интензивна и динамична разузнавачка битка“. Три дена пред целосната руска инвазија на Украина во февруари 2022 година, ФСБ одобри нова контраразузнавачка програма, „Антанта-4“, дизајнирана за борба против кинеската шпионажа. Од друга страна, извештајот на ФСБ открива дека Кина го искористила тоа што Русија ги насочила речиси сите свои воени и разузнавачки ресурси кон Украина. Во новата ситуација, кинеските разузнавачки службеници ги засилија своите напори за регрутирање руски функционери, експерти, новинари и бизнисмени.
Авторите на интерниот документ на ФСБ експлицитно заклучуваат дека Кина претставува сериозна закана за безбедноста на Русија бидејќи сè повеќе се обидува да регрутира руски шпиони, се обидува да добие тајна воена технологија со привлекување на незадоволни руски научници, ги следи руските воени активности за време на војната во Украина, се подготвува да поднесе територијални претензии против Русија и се занимава со шпионажа на Арктикот.
Кога станува збор за војната меѓу Русија и Украина, ФСБ има информации дека кинеското разузнавање се обидува да разбере како Русија се бори против армијата поддржана од Западот.

Од почетокот на војната, претставници на кинеските одбранбени компании и институти поврзани со државната разузнавачка служба доаѓаат во Русија за подобро да го разберат текот на војната.
„Пекинг е од особен интерес за информации за методите на водење борбени операции со употреба на беспилотни летала, надградба на нивниот софтвер и методи за спротивставување на новите видови западно оружје“, се наведува во документот на ФСБ. Кина е заинтересирана и за искуството на приватната воена компанија на Вагнер, чии платеници учествувале во разни воени кампањи, од Африка и Сирија до Украина.
Следува најексплозивниот дел од извештајот на руското разузнавање, каде што се тврди дека научниците во Кина ја поддржуваат идејата за поднесување територијални претензии против Русија. Агентите на ФСБ открија дека Кинезите бараат траги од „древни кинески народи“ на рускиот Далечен Исток за Пекинг да влијае врз локалното население кое е наклонето кон Кина со пропаганда.
Затоа, ФСБ им нареди на своите службеници да ги разоткријат ваквите дејствија и да ја спречат Кина да ги користи руските научници и архивските средства за истражување. „Треба да се спроведе превентивна работа против руските граѓани вклучени во горенаведените дејствија и да се ограничи влезот на странци во нашата земја како мерка на влијание“, се наведува во документот.
Дополнително, според ФСБ, Кина развила нова стратегија за промовирање на кинеската мека моќ во земјите од Централна Азија, кои Москва ги смета за своја сфера на интерес. Според документот, Кина започнала со спроведување на оваа стратегија во Узбекистан. Документот не кажува ништо за деталите на стратегијата, но забележува дека таа вклучува хуманитарни размени.
Кина, исто така, покажува интерес за руската арктичка територија и Северниот морски пат, кој се протега по должината на северниот брег на Русија. Во документот на ФСБ се тврди дека Пекинг верува дека Русија ќе биде принудена да се сврти кон Кина за одржување на „застарената арктичка инфраструктура“ поради западните санкции.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата