logo
logo
logo

Франција ги поттикнува луѓето да спијат повеќе, додека премиерот сака да се укинат празници

Vecer | 23.07.2025

Франција ги поттикнува луѓето да спијат повеќе, додека премиерот сака да се укинат празници

Французите се охрабруваат да дремат почесто, и тоа само неколку дена откако премиерот јавно ги критикуваше дека не работат доволно.

Министерот за здравство Јаник Нојдер во вторникот го претстави извештајот на владата, според кој 50% од Французите не се задоволни од квалитетот на својот сон. Податоците покажуваат дека во последните 50 години Французите во просек изгубиле еден и пол час ноќно спиење.

Сонот не е луксуз, туку неопходна биолошка потреба која не смее да се занемари.

Јаник Нојдер, министер за здравство на Франција

Министерството за здравство советува граѓаните да вклучат кратки дремки во својот ден со цел да се намали согорувањето и да се надомести намалениот одмор.

Јас целосно го поддржувам дремењето, и на работа и на училиште.

Јаник Нојдер

Ваквиот пристап може да изгледа необично за останатиот свет, ако се има предвид дека Франција важи за една од земјите со најмалку работни часови – од 2000 година неделата таму е 35 часа поради реформите во работниот однос.

Французите имаат законом гарантирани 30 дена одмор годишно – меѓу најдарежливите во Европа – плус 11 државни празници.

Овој месец, премиерот Франсоа Бајро предложи да се намали бројот на државни празници, со намера да се надмине економската криза во земјата.

Францускиот премиер Франсоа Бајро ги презентира буџетските планови за следната година, Париз, 15. јули 2025 година. (AP Photo/Aurelien Morissard)
Францускиот премиер Франсоа Бајро ги презентира буџетските планови за следната година, Париз, 15. јули 2025 година. (AP Photo/Aurelien Morissard)

Бајро ги посочи Велигденскиот понеделник и Денот на победата во Европа како „најпогодни“ за укинување, за кои тврди дека ќе донесат значителна финансиска придобивка на Франција.

Како нација, мора да работиме повеќе. Со ваква промена во календарот на празници ќе внесеме милијарди евра во буџетот, бидејќи бизнисите, продавниците, јавната администрација и државата ќе функционираат и ќе ја зголемат продукцијата.

Франсоа Бајро, премиер на Франција

Но, оваа идеја не беше прифатена со одобрување. Лидерите на опозицијата дури ја доведоа во прашање и неговата патриотска определба.

Укинувањето на два важни државни празници како Велигденскиот понеделник и 8 Мај е директен напад врз нашата историја, корени и работничка Франција.

Жордан Бардела, лидер на Националниот сојуз

Истражувањето на BFM TV покажува дека 75% од Французите се против укинувањето на Велигденскиот понеделник и Денот на победата како државни празници.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk