Тренерот на Реал Мадрид, Жозе Мурињо, беше попретпазлив од вообичаено во своите изјави пред утрешното “Ел Класико“, но не пропушти да даде остри коментари за судењето и противникот. Иако не ги откри своите тактички планови, тој јасно стави до знаење дека останува уверен во можностите на својот тим, без оглед на исходот од натпреварот во недела.
„Реал Мадрид со Мурињо освојува титули“, беше категоричен Португалецот.
Кога беше прашан за формата на тимот пред толку клучен судир, Мурињо нагласи дека претходните резултати не се важни.
„Во добра динамика сме, играме добро, постигнуваме голови… но во Ел Класико не е важно што сте направиле претходно, тоа нема никакво влијание. Овој натпревар е навистина различен“, коментираше тој.
Специјалистот се врати и на темата за довербата во тимот, која ја побара по натпреварот со Севиља. Според него, критиките секогаш се насочени кон тренерот, додека играчите добиваат заслужени пофалби.
„Ова е приказната на речиси сите тренери во светот. Ова е нашиот живот“, додаде тој, дефинирајќи го „Ел Класико“ како уникатен настан, поради кој „светот застанува“.