Побрз проток на стока, помалку чекање и автоматизирани контроли - ова треба да го донесе новиот систем на паметни царински терминали што го воведува Царинската управа со европски грант од два милиони евра. Проектот предвидува целосна автоматизација на процесите на граничните терминали, а опремата треба да биде поставена до средината на следната година.
Со новиот систем, постојните рампи и ваги ќе бидат заменети со дигитални решенија, а влезот и движењето на товарните возила ќе се евидентираат автоматски. Преку напредни аналитички видео камери, системот ќе овозможи препознавање на регистарски таблички, автоматско мерење и побрза обработка на увозот, извозот и транзитот.
Од Царинската управа велат дека новата технологија ќе значи пониски оперативни трошоци за економските оператори, поефикасна контрола и побрзо движење на легалната трговија.
Автоматизираните ваги и рампи ќе бидат поврзани со системот за видео надзор и софтвер за интеграција, со што ќе се намали потребата од човечка интервенција во дел од процесите.
Според Царината, дигитализацијата на терминалите е и алатка во борбата против криминалот и корупцијата, бидејќи ќе го намали влијанието на човечкиот фактор и ќе овозможи поголема транспарентност во работењето.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата