logo
logo
logo

РЕНОВИРАН И ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА Е МОСТОТ НА ВАРДАР КАЈ БАШИНО СЕЛО

Vecer | 08.07.2025

РЕНОВИРАН И ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА Е МОСТОТ НА ВАРДАР КАЈ БАШИНО СЕЛО

Денеска е пуштен во употреба санираниот мост на реката Вардар кај Башино село, откако во март годинава започнаа градежните работи за санација, како времено решение до изградба на нов мост. Санацијата на мостот треба да го продолжи неговиот век на користење за 5-10 години.

- Денеска го пуштивме во употреба мостот кај Башино село, за возила и товарни и лесни патнички, така што безбедноста е на прифатливо ниво.

Сакам да се заблагодарам на сите учесници во овој потфат почнувајќи од колегите од Универзитетот „Кирил и Методиј“ , Градежниот факултет, преку луѓето од Јавното претпријатие за државни патишта, директорот, општината Велес, потпретседателот на Влада и министер за транспорт, Министерството за внатрешни работи, изведувачите и сите останати коишто учествуваа во реализацијата на овој потфат, бидејќи беше прилично брз, ефикасен и успееавме да обезбедиме побрз транспорт во рамките на градот Велес, соопшти премиерот Мицкоски.

„Изведувачот на работите за санација на мостот преку реката Вардар кај Башино Село е Друштво за градежништво и проектирање ‘Синтек инженеринг ДООЕЛ ‘кој е воведен во работа на 21.03.2025 година, со рок за изградба од три месеци. Вредноста на проектот е 24,614,554.00 денари (околу 400.000 евра) без ДДВ“, велат од ЈП „Државни патишта“.

Екипите кои работат на терен објаснија дека при градежните работи се третирал долниот дел од мостот, за да не се размрда од гребење на асфалтот и ставање нов.

Се постави нов вид материјал на столбовите за да се зацврстат, најсовремено решение со третирање на мостот одвнатре.

Монтирана е најсовремена опрема под самиот мост, која врши мониторинг 24 часа, и секое движење се евидентира. Столбовите се опшиени.

Испитувањата на експертите од Градежен факултет од Скопје покажале дека на носечките 7 столбови по широчина на мостот оштетна е надворешноста блиску до ивиците, додека тие во средината се стабилни.

Во периодот од 3 јануари до 3 март, до кога мостот беше затворен за сообраќај, целокупниот сообраќај се одвиваше низ центарот на Велес, каде минуваа и тешки товарни возила, исклучиво ноќе.

Мостот беше итно затворен на 3 јануари, по барање на Државниот сообраќаен инспекторат, откако од Градежниот факултет стигнале резултатите од редовната контрола која се извршува двапати годишно на оштетени мостови. Тие покажале дека мостот е небезбеден.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk