logo
logo
logo

НАРОДНАТА БАНКА ЈА ЗАДРЖА КАМАТАТА НА 4,25%: Неизвесноста и натаму го диктира монетарниот курс

Vecer | 15.09.2026

НАРОДНАТА БАНКА ЈА ЗАДРЖА КАМАТАТА НА 4,25%: Неизвесноста и натаму го диктира монетарниот курс

Народната банка ја задржа основната каматна стапка на 4,25 отсто, оценувајќи дека високата неизвесност и натаму е присутна и дека поставеноста на монетарната политика треба да остане непроменета. Одлуката е донесена врз основа на најновите макроекономски показатели и проценките за ризиците од домашното и надворешното окружување. Во меѓувреме, движењата на девизниот пазар се стабилни, а во јули и август Народната банка интервенирала со откуп на девизи, иако корпоративниот сектор и натаму покажува повисока побарувачка за странска валута, делумно поради повисоките цени на енергентите. Девизните резерви остануваат во сигурната зона и обезбедуваат 4,5-месечна покриеност на увозот на стоки и услуги, што придонесува за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот.

Годишната стапка на инфлација се задржува на умерено ниво, но во август беа видливи ефектите од растот на светските цени на енергентите врз домашната инфлација. Извршниот одбор оцени дека сѐ уште е рано за да се потврди одржливоста на трендот на забавување на инфлацијата, особено имајќи го предвид високиот степен на неизвесност во надворешното окружување. Имено, натамошното заострување на воените дејствија на Блискиот Исток, како и на војната помеѓу Русија и Украина, придонесе за повторен силен раст на цените на нафтата и останатите енергенти и за нарушувања во синџирите на снабдување, со можни пренесени ефекти врз девизниот пазар и домашните цени во следниот период. Покрај ова, и натаму опстојуваат домашните фактори коишто влијаат на побарувачката и создаваат ризици за идната динамика на инфлацијата. Во вакви услови, беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна, при што присутната неизвесност упатува на потребата од задржување на претпазливиот пристап.

Задржувањето на основната каматна стапка, заедно со мерките преземени досега кај задолжителната резерва и макропрудентната политика, ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, за долгорочно стабилизирање на инфлацијата и за зацврстување на инфлациските очекувања, а соодветно ќе влијае и врз кредитните услови во економијата. На последниот состанок во септември, Европската централна банка ги зголеми каматните стапки за 0,25 процентни поени, во услови на понатамошни инфлациски притисоци поврзани со конфликтот на Блискиот Исток, при што оцени дека инфлацијата ќе остане значително над целното ниво подолг период.

Во однос на најновите податоци за главните макроекономски показатели, на крајот на август, девизните резерви изнесуваат 5.101 милион евра и се одржуваат во сигурната зона во согласност со показателите за адекватност. Од почетокот на мај наваму, девизниот пазар е стабилен, при што во периодот јули ̶ август, Народната банка интервенира со откуп на девизи. Сепак, со оглед на поголемиот износ на продажби на почетокот на годината, збирно, во изминатиот период од 2026 година Народната банка интервенира со нето-продажба на девизи. Притоа, промената на девизните резерви засега е малку подобра од очекувањата во априлската проекција.

Во август 2026 година, годишната стапка на инфлација изнесува 2,6% (2,3% во јули). Растот на светските цени на енергентите се одрази и врз домашните цени, преку забрзување на растот на енергетската компонента на инфлацијата. Остварената инфлација е нешто послаба во однос на очекувањата во априлските проекции, при помал раст кај цените на храната од очекуваното. Сепак, инфлациските притисоци и натаму опстојуваат, при исклучително голема променливост на увозните цени, што создава ризици во однос на патеката на инфлацијата во следниот период. Најновите ревизии на увозните цени релевантни за инфлацијата се нагорни, при изразена неизвесност за идната динамика на цените на примарните производи на светските берзи.

Домашната економија останува отпорна и покрај неповолното и неизвесно надворешно окружување. Во вториот квартал од 2026 година, реалниот годишен раст на БДП забрза и изнесува 4,3%, што е повисоко во однос на априлската проекција. Растот во еден дел се должи на бруто-инвестициите, главно поради градежните активности поврзани со големите инфраструктурни проекти. Во монетарниот сектор, кредитната поддршка и натаму е посилна во однос на проекциите, и е фактор што треба внимателно да се следи, додека растот на депозитната база засега не отстапува значајно од проектираната патека.

Народната банка и натаму ќе биде посветена на одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, како основен предуслов за обезбедување ценовна стабилност на среден рок. За таа цел, ќе продолжи со внимателно следење на домашните и меѓународните економски и финансиски движења, ќе ги оценува нивните ефекти врз девизниот пазар и инфлацијата и е подготвена да ги употреби сите расположливи инструменти за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk