Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека некои од илегалните лекови, кои беа запленети во полициска акција, биле наменети за домашниот пазар, а други за странскиот, додавајќи дека случајот произлегол од претходни оперативни постапки и вештачења мобилни телефони.
- Дел од нив бил за македонскиот пазар, а дел, во согласност со првичните информации што ги имам, бил за пазар на територијата на нашиот сосед. Добро е што оваа постапка и акција координирано се презема во соработка со Јавното обвинителство врз основа на претходни постапки што, да речеме, сме ги почнале ефективно во рамките на телефоните што се одземени при првичната акција пред извесно време што ја имавме - изјави Тошковски одговарајќи на новинарско прашање по дијалог-сесијата на Националната конвенција за Европската Унија.
Дополнително произлегле докази, како што рече, кои довеле до сите чекори преземени за разоктривање на криминалната група.
- Добро е што е спречена една организирана криминална група, која во изминатите години дејствувала на начин на кој дејствувала надвор од законите, внесувала на територијата на државата разни видоиви незаконска стока, да се изразам, и добро е што повеќе нема да може да го прави тоа. А, се надевам дека Јавното обвинителство и судот во иднина ќе ги преземат сите оние нивни надлежности со цел на крајот да видиме правда во овој случај и да упатиме порака до сите оние што мислат дека се недопирливи - истакна тој.
Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против осум лица: М. С. (52) од Тетово, З. С. (42) од Гевгелија, А. С. (38) од Скопје, Б. Љ. (46) од Тетово, Е. А. (55) од Скопје, Д. Џ. (46) од Тетово, Б. А. К. (34) и С. С. (42), двајцата од Турција, за повеќе кривични дела, меѓу кои шверцување, прикривање стоки што се предмет на шверц“, избегнување плаќање акциза, примање поткуп, давање поткуп, производство и пуштање во промет штетни средства за лекување и перење пари и други приноси од казниво дело.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата